Професорот Трајковски: Ваква компромитирана партија не смее никогаш повеќе да управува со земјава

Професорот Дејан Трајковски се огласи на својот фејсбук профил каде што напиша:

Деспотовски кажа дека добивката на Митилинеос ќе им била 1/3 од она што го кажа Атанаско, т.е. околу 300 милиони евра за 20 години. Јас добивам толку во најконзервативната варијанта (само од маржата), под услов да имаат по 10 милиони евра годишно оперативни трошоци (за плати и одржување), согласно формулата на Митилинеос.

Бидејќи за нова централа ќе имаат многу малку трошоци за одржување, а платите ќе бидат околу 0,5 милиони денешни евра годишно, тогаш ќе можат и тој дел од приходот да си го задржат како добивка, т.е. уште нови 160 милиони евра за 20 години.

Понатаму, во формулата за цената на струјата се користи цената на ТТФ фјучерсите за гас од берзата во Амстердам. Од друга страна, Митилинеос ќе добавува поевтин руски гас, од разликата во цените ќе профитираат и по овој основ, а ние нема да можеме да се жалиме, бидејќи сме прифатиле дека ТТФ цената е меродавна Којзнае лолкав екстра профит само по овој основ би оствариле.

Ирелевантно е она што ни го кажуваат за поевтинувањето на струјата и парното, бидејќи исто, па и поголемо поевтинување би постигнале ако новата гасна Те-То “Железара” биде наша, со реални трошоци и без екстра профити.

Независно од цената на гасот, вкупно за 20 години Митилинеос би профитирале од 0,3 до 0,5 милијарди евра, а државата би испуштила исто толку, минус данокот на добивка. За 40 години би профитирале дупло, т.е. 0,6 до 1 милијарда денешни евра.

Колку најсовремени болници и километри брзи пруги се тоа, за кои вака ќе мораме да се задолжуваме? Или не ни пречи да се лекуваме во распаднати болници и да се возиме по пруги од XIX век?

Ниту ова не им е доволно, па преговараат со прескапиот Џенерал Електрик за изградба на гасни централи во Битола и Неготино. Зошто не распишат меѓународен тендер според Законот за јавни набавки, па да видиме како ќе помине Џенерал Електрик во конкуренција на кинеските компании?

Народе, не заборавај што ти спремаат штетниците кога ќе дојде денот за избори, без разлика дали ќе го довршат делото или не. Ваква компромитирана партија не смее никогаш повеќе да управува со земјава!