Професор Трајковски за директорката на онкологија: Им се смее в лице на сите жртви, би требало и со неа некој сериозно да се позанимава

На Фејсбук страницата се огласи професор доктор Дејан Трајковски и во исрцпниот статус напиша:

После сé што видовме и слушнавме деновиве околу крадењето на цитостатиците од пациентите на кои им биле препишани и нивно препродавање на црниот пазар, денеска дочекавме да ја видиме и чуеме директорката на клиниката за радиологија и онкологија да каже (наместо да поднесе оставка), директно во камера и без да трепне, дека сите пациенти редовно ја примале препишаната терапија. Наводно имало само допрен глас за некоја сестра, но ништо страшно не се случило.

На тој начин практично се мајтапи, им се смее в лице на сите жртви на здружениот злосторнички потфат, како и на сите чесни граѓани на Македонија кои очекуваат разврска и казни.

Тоа може да значи една од овие две работи: или е сигурна дека истрагата нема да најде цврсти докази за криминалот (ако навремено се потрудиле да ги скријат) или пак и самата е дел од злосторничкото здружение, па се обидува – макар и на ваков неумесен начин – да се амнестира од вина.

Паниката во нејзиниот глас оди во прилог на ова второто. Зошто инаку еден чесен човек би прикривал и релативизирал криминал, макар и да се случил и пред неговиот мандат, што веќе ни претседателот и премиерот на државата не го кријат? Зошто директорката не направила и самата истрага откако дознала по допрен глас за случувањата?

Да ги почекаме резултаите од истрагата, но доколку се докаже дека криминалот навистина се случил, тогаш би требало и со неа некој сериозно да се позанимава, бидејќи ни ваква дрскост и оправдување на злосторството не смеат да останат неказнети, инаку ќе ни се повторат утре во уште полоша форма.

Колку и да е нечовечки најновиот криминал, сепак лично не сум многу изненаден – тој претставува само уште една манифестација на сéприсутната корупцијата и распадот на организираната држава.

Се разликува само местото на злосторот – сега се случи во здравството, а со години наназад се случува во образованието, само што таму никој ништо не презема, иако последиците се подалекусежни.

Веќе зборував дека со лажирани комисиски полагања, само на моите предмети, до сега незаслужено се стекнале со факултетски дипломи помеѓу 100 и 150 кандидати, откако претходно предавале по три празни испитни тетратки на редовните испити.

Злосторот се случил, иако сé е покриено со законите. Дали нешто се реши? Ништо не се реши. Кандидатите се веќе на работа, многумина веќе магистрирале и докторирале, иако празните испитни тетратки стојат како докази, а проверката на знаењето на тие кандидати може да се направи во секое време.

Но, што да се прави, ова е Македонија и затоа ќе ни се случуваат вакви катастрофи и ќе поминуваат неказнето – денеска на онкологија, претходно со изградбата на модуларната болница од запалливи материјали, а образованието продуцира шкарт на перманентна основа.

Сé е веќе совршено предвидливо и може да ме изненади само местото на некое ново злосторство утре, но не и самото злосторство.