Јованче од штипско: Oдам на училиште гладен, немам ни тетратки миту моливчиња, многу ми е страв дека родителите ми се болни и да не останам са

Јовица Петровиќ е роден во Владичин Хан. Има 51 година. Од мал останат без семејство, неможејќи да се снајде во родното место среќата си ја бара во Македонија. И, ја наоѓа. Ја запознава сопругата Виолета, која иако е лице со ментална попреченост и ќе ја прифати како животен сопатник. Таа ќе му роди две деца. Заедно ќе поминат многу. Ќе изградат куќа во штипското село Козјак. Ќе ги образуваат децата, но се додека болести не почнат да ги напаѓаат двајцата. Јовица досега минал низ дванаесет операции, останат е без еден бубрег, добил преплет на црева и има проблеми со вените на ногата поради што не може да се движи. Тоа ќе го спречи да заработува и да го прехранува своето семејство.

Во домот немаат ништо. Ниту столче каде да се седне. Се што внеле им е помош од соседите. Немаат ниту машина за перење што во моментов им е најнеопходно. Им требаат и други апарати за домаќинство. Но, приоритет им е храната. Зашто има денови кога остануваат и без леб. Малиот Јован е принуден со солзи да оди секој ден на училиште и да се моли другарчињата да му дадат јадење за да го издржи денот. Му фалат и училишни материјали. Му позајмуваат другарчињата ќе рече тој за да не заостанува во учењето. Виолета е многу болна. Покрај дијагнозата со која е родена, таа е болна и од канцер на дојка, па докторите рекле дека веќе е доцна и за хемотерапија. Очајна состојба на едно четиричлено семејство кое скромно моли за помош. Да им се подаде рака сега, во најтешкиот период од нивните животи.

Јовица потекнува од Србија. Откако му умираат сите од семејсвото смета дека среќата ќе ја пронајде во Македонија. Па, во Куманово и ја наоѓа. Сопругата Виолета ќе му подари две деца и со него заедно ќе изградат скромен дом во селото Козјак, Карбинци. Иако до денес нема да можат да купат ниту мебел, ниту апарати за домаќинство, сепак додека не бил болен Јовица успеавал да донесе барем леб за семејството. Денес, се чувствува лошо, а најмногу поради болките во ногата не можа да работи, па и тој и децата се принудени да гладуваат доколку некој сосед не подели со нив дел од нивниот оброк.

-Роден сум и пораснав во Владичин Хан. Млад останав сам и без никој. Немав иднина во Србија и одлучив да дојдам во Македонија. Се запознав со Виолета и иако беше болна одлучив дека со неа ќе создадам семејство и ќе ја чувам. Но, ете ги изневерив сите. И, сопругата и децата. Не сум способен ниту за себе, ако не за да ги гледам нив. Западнав со болестите. Имам преживеано над дванаесет операции. А, сега најголем проблем ми е ногата. Имам проширени вени и животот ми е во опасност. Немам сила ни да излезам за да заработам за да им купам леб. Зарем јас ова го дочекав си викам понекогаш кога соседите ми даваат чорба или леб за децата-вели Јовица.

Јовица ќе рече дека се срами што на 51 година останал болен и неспособен, па мора постариот син да го испраќа на работи за да преживеат. Болна е и сопругата Виолета за која докторите ќе речат дека доцна се јавиле на лекар. Таа не е способна да одржува домаќинство, па сите домашни работи чекаат на Јовица.

Перење, готвење, чистење. Сите четворица спијат во една соба, немаат на што да седнат. Немаат на што да зготват, а можеби најтешко за овој човек е перењето на раце. Душата му плаче и што децата му се гладни, посебно малиот Јован кој секој ден на училиште оди гладен. Затоа ќе рече: „Да бев здрав никогаш не ќе побарав помош. Но, сега ми е потребна рака за децата да не ми умрат од глад„.

-Жена ми беше болна, но многу западна псоледните години. Сега лекарите и открија и канцер на дојка, ама рекоа доцна е за хемотерапии нека тера додека тера. Сега и двајцата сме болни и едниот син излегува да заработи еден денар два за да земеме храна. Ама најчесто ни помагаат луѓето. Немам за дететото ни за на училиште да му дадам. Почесто оди и доаѓа гладен. Ако му купат другарчињата ќе јаде, ако не седи и ги гледа другарчињата-додадава Јовица.

-Им викам на родителите дајте ми парички да си купам кифла, ама тие ми викаат немаме и одам на училиште гладен. Немам ни тетратки миту моливчиња, па позајмувам од другарчињата и тоа. Многу ми е страв дека родителите ми се болни и да не останам сам-вели малиот Јованче, синот на Јовица за Срце на дланка.

-Се во куќата е на мене. Јас перам, јас чистам, јас готвам. А, колку би ми било полесно да имам машина за перење и електричен шпорет- ќе рече Јовица.

Најголемите врвови ги искачуваат оние кои најдолго биле на дното. Оние очи кои најдолго плачеле. И, она срце кое најсилно било скршено. Најубавиот поглед на крајот ќе го имаат оние кои имале храброст да ризикуваат дури и кога никој не им давал ниту една мала шанса. Зашто на крајот на денот не сме силни зашто таква ни е моќта, туку зашто ни е силна надежта за поубав живот.

Доколку сакате да му помогнете на семејството на Јовица тоа можете да го направите преку неговиот личен контакт 073836304 или жиро сметката на сопругата на Јовица, Виолета Станковска 300087113706395