Саше од штипско: Сонот и желбата ми е да си останам во село, да си купам некое животно да си чувам, да имам бавчичка

Сашо Илиевски иако има само 28 години, можеби најдобро може да го отслика животот на нашите предци и дедовци од пред неколку векови. Зашто, за да стигне до училиште како мал преку ридови и планини со коњи патувал до соседното село. За жал, ќе каже тој неслогата меѓу неговите родители ќе го донесе во Скопје, но, не за поубав живот, туку во Дом за деца без родители, бидејќи социјалните служби им ги одземале сите деца.

Поради тоа што е од дом и со потекло од село. И во основното и во средното училиште ќе наиде на потсмев и неприфаќање од соучениците. 2015 година откако станува полнолетен, но, не ги добива условите како и останатите во домот, принуден е да се врати во родната куќа, на која веќе годините и неодржувањето ќе си го направат своето. Мајката вели Саше се премажила, а, за краток период татко му починал.

Браќата заминуваат во Градот, а, тој останува сам во куќа во која 20 години нема струја, во која тече кровот и во која нема патос. Веќе долги години Саше се обидува сам да преживее. Подигнал кредит со надеж дека ќе биде доволен за реновирање, но, парите биле доволни само за мала поправка на едната соба во која денес функционира.

Сепак, крупните работи за санирање не се ни приближно започнати. Саше вели дека има и здравствени проблеми. Во лето се бања со сончевиот бојлер кој сам го поставил, а, навечер живее на свеќа. Работи сезонска работа за 100 денари по час, само трета смена во соседното село. И, додека сите би избегале од село и би живееле во Град, ова младо момче категорично ќе каже дека го бира селото, само бара стабилна работа и помош за да ја поправи куќата и да може да ги подмири долговите оставени од неговите родители.

Потеклото на Сашо е од село Кнежево, каде лошите услови за живот веројатно ќе го натераат неговото семејство да се пресели во штипското село Црвулево. Неслогата и караниците меѓу родителите ќе ги однесат Саше и неговите браќа во дом каде остануваат до нивната полнолетност. Ниту враќањето назад во родната куќа, нема да му вети подобар живот на ова момче.

Па, додека неговите браќа се снаоѓаат во градот, тој одлучува да остане во родната куќа и да ги отплаќа долговите на родителите, но, и да се бори со лошите услови што му се нудат. Доволен доказ за неговиот тежок живот е фактот што мора да живее со свеќи, бидејќи куќата повеќе од 20 години нема струја.

-Многу тешко живеев уште од дете. Со коњи преку планини одев до другото село за да стигнам на училиште. И, јас и моите браќа и сестра бевме жртви на семејно насилство од родителите. Така, еден ден завршивме во дом. И, во Скопје не ни беше лесно. Со нас се шегуваа сите, ни викаа домски деца, деца од село… не можам да се сетам на ниту еден убав ден од тој период.

А, подоцна кога како полнолетен се вратив во селово продолжи уште потежок живот. Борба за да опстанам. Моите браќа заминаа во Градот. А, јас имав сериозни здравствени проблеми и воздухот во Градот ми смета. Немам сериозна работа со која можам да ги платам долговите. А, 20 години во куќава нема струја.

Перам на раце, се бањам надвор на стоплена вода, готвам на шпорет на дрва. Земав малку пари од брз кредит реков да ја поправам куќата. Не успеав ниту една соба до пола да ја уредам. Почина и татко ми со кој можеби имав најмногу разбирање, а, и тетка ми која беше последната личност што ме сакаше и помагаше. Сега сум сосема сам-раскажува Саше од село Црвулево за „Срце на дланка„.

Иако, солзите не го реша ваат проблемот, сепак, Саше е многу тажен за неговата судбина и што не пораснал во сложно смеејство како и сите останати. Тажен е што не добива ниту социјална помош, ниту поддршка како домско дете, а вели дека сите негови другари претходно биле помогнати и средени. Сепак, лошите услови и негрижата за здравјето ќе му направат здравствени проблеми кои и денес ги чувствува. Но, затоа верува и се надева дека ќе успее да ја поправи куќата и да најде стабилна работа. Па, така можеби некогаш ќе успее и да основа семејство и да биде среќен.

-Млад сум навистина сакам да се средам и да создадам семејство. А, која ќе дојде да живее во вакви услови. Немам кому да се обратам. Работам во едн фирма кога ќе ме побараат за 100 денари за час. Ама тоа е доволно само за да не гладувам.

И храната некогаш ако ја купам ја носам по комшии за да не ми се расипе дома. Не сакам во Градот, сакам да си останам тука во родната куќа, да ја поправам, да си купам некое животно за да одгледувам, бавчичка за да садам зеленчук… Тоа ми е сонот и желбата за овој живот- завршува Саше за Срце на дланка.

Сите кои сакате да му омогнете на Саше Илиевски тоа можете да го направите преку контакт на неговиот телефонски број 073831212 или на следната жиро сметка 240177115952467