Сезонска работничка во хотел во Хрватска очајна: Спиев во измет, работев без слободен ден – се огласија од управата

Поранешна собарка вработена во хотел во Хрватска се пожалила на условите за работа каде била на сезонска работа, но од хотелот ги отфрлаат нејзините наводи и тврдат дека сите нивни вработени се задоволни од своето работно место и условите.

Жена која работела таму еден месец како собарка контактирала хрватски портал со бројни поплаки за хотелот во Водице. Таа тврди дека во текот на јули работела 31 ден без слободен ден, а иако требало да работи како собарка, морала да ги работи и сите останати работи, како чистење и миење садови во кујната.

– Договорот за плата беше 1.000 евра, но на сметка ми беа уплатени 800 евра, а кога се јавив и прашав зошто, шефот ми рече дека не сум го поминала отказниот рок. Според договорот имав право на еден слободен ден, никогаш не добив, работев точно 31 ден без слободен ден. Работев и прекувремено 2 часа – вели читателката.

– Се пријавив за работа како собарка, а работев во перална, чистев, работев во кујна каде миев садови, чистев корпи за отпадоци. Навечер во 22 часот ги чистев собите иако работното време ми беше до 14 часот имавме два оброка, со тоа што за ручек јадевме тоа што на гостите ќе им остане од претходната вечер.

Две недели спиевме во измет бидејќи од тоалетот течеше вода од одводот. Пет девојчиња бевме во соба со највисоки температури, каде што немавме ниту клима – вели вознемирената жена за Вечерњи лист.

Сепак, нејзините наводи се демантирани од хотелот. Тие велат дека знаат за кој вработен станува збор, иако нивниот идентитет не се открива, бидејќи сите други нивни вработени се задоволни од местото и условите.

– Исклучително ни е жал што настана оваа ситуација, но мораме да ги демантираме невистините тврдења. Госпоѓата побарала вонредно отказ на 27 јули, на што и било кажано дека е неопходно да се најде замена и да го издржи отказниот рок од 14 дена, што таа експресно го одбила. Платата и била уредно исплатена според Договорот што го потпишала – велат од хотелот.

– Работата на собарката опфаќа: чистење и подготовка на сместувачките единици, како и чистење на други простории за престој на гостите (има салон околу базенот, чекална, ходници, придружниот простор на ресторанот на хотелот, т.е. сите наменети области за гостите на хотелот).

Нивната работа во ниту еден момент не вклучува миење садови и одржување на околината што не е поврзано со наведената област за гости. Што се однесува до сместувачките единици во кои престојуваат нашите вработени, тие се соодветно опремени со сите потребни содржини: кревети, бања со тоалет, клима или вентилатор, ТВ.

Имаше проблем со тоалетната школка, но таа беше отстранета по два работни дена поради чекање на работниците од одводното претпријатие. Блокирањето настанало со фрлање на хигиенски салфетки кои биле пронајдени при испумпување, што сметаме дека во никој случај не е наша вина и не можеме никако да спречиме ваков или сличен инцидент.

Дали навистина мислите дека човек може да функционира во просторија каде што тоалетот не работи две недели? Во периодот кога тоалетот не беше во функција, на вработените им обезбедивме тоалет во соседната просторија. Затоа сме изненадени од ваквата изјава на поранешната вработена – велат во хотелот.

– Нашата компанија успешно работи веќе 30 години без ниту еден инцидент или криминално дејствие. За време на работата и престојот на нашите вработени ги преземаме сите можни мерки за да им обезбедиме што е можно попријатно деловно опкружување, но и амбиент надвор од работното време, вклучително и сместување – нагласуваат од хотелот.