Се помалку и помалку ги има во Македонија: Газдите се жалат – за 3000 евра плата одат по Европа

Дефицитот на работна сила во сите гранки од опшеството станува се поизразен, во некои помалку, во некои повеќе.

Па така сѐ помалку и помалку професионални возачи на автобуси и на камиони има во Македонија, се жалат домашните компании кои со месеци маки мачат да вработат квалификувани кадри кои поседуваат Ц и Е категорија.

Првата причина поради ваквата состојба, коментираат засегнатите, е тоа што полагањето за Ц и Е категорија чини многу пари, а одзема и многу време, па не секој човек има можности и трпение да минува низ сето тоа.

Втората причина, според нив, е тоа што домашните компании и домашниот пазар не се ни споредуваат со странските компании и условите што им ги нудат странците на нашите возачи.

-Оние возачи коишто моментално се нудат на пазарот се повозрасни лица пред пензија, бидејќи целиот квалитет и младост ни замина во странство, особено во Германија и во скандинавските земји.

Едноставно, не можеме ние да им го понудиме тоа што им го нудат странците. Платата за возач во Македонија е позната – едвај 1.000 евра месечно и плус некои бонуси. Но, бројките се сосема поинакви во Германија и во Шведска, на пример, каде што месечната плата на шоферите достигнува 3.000 евра па и повеќе – објаснува сопственик на компанија за камионски транспорт.