Скопјани измамени од туристичка агенција: Уплатиле за одмор во Грција, па ги дочекало клуч на врата

Платиле по два аранжмани за летен одмор а агенцијата затворила. Група граѓани се жалат дека се измамени од туристичката агенција Барчино Турс од Скопје. Дека агенцијата затворила дознале случајно, откако една од оштетените сакала да уплати аранжман и за својата ќерка.

По неколку неуспешни телефонски повици, решила да оди директно во агенцијата а таму наишле на затворени врати.

Се работи за суми од околу 200 евра по аранжман. Пред камерата на Сител се пожалија неколкумина, но се работи за поголема група која и претходно патувала преку оваа агенција на летување.

Оштетените поседуваат договор, фискална сметка за парите кои во целост ги уплатиле одеднаш бидејќи таква била понудата со попуст.

За случајот откако дознале, пријавиле и во ДПИ а најавија дека за измамата ќе пријават и во МВР. Оттаму за Сител велат ќе постапат по пријавата и уште утре ќе се сретнат со оштетените.

Доколку се утврди дека се работи за измама во зависност од надлежностите ќе ги вклучат и другите институции. Сител се обиде да стапи во контакт со агенцијата но на телефонскиот број никој не се јавува. Од информациите кои ги добивме од оштетените, истата агенција во Србија е во стечајна постапка.

Целата сторија со видео прилог може да ја проследите на Сител ТВ.