Стојанче Ангелов итно се огласи: Состојбата е исклучително алармантна

Првиот човек на ЦУК Стојанче Ангело се огласи на својот фејсбук профил каде што напиша:

Апел до градоначалниците и граѓаните.Состојбата со пожарите на отворен простор е исклучително алармантна. Само во текот на вчерашниот ден (недела) имаше 60 пожари.

И покрај вчерашното интезивно гаснење 6 пожари на отворено гореа во текот на целата ноќ и сеуште се активни.

Во текот на викендот почнувајќи од петокот, заедно со сабота и недела имаше вкупно 116 пожари на отворен простор.

Во текот на септември се регистрирани вкупно 778 пожари на отворен простор од кои 43 се гаснети со воздухоплови.

Апелирам до сите земјоделци да не ги палат стрништата а сточарите пасиштата.

Сериозни врнежи нема подолго време и воедно не се очекуваат во следните десетина дена, вегетацијата е исклучително сува, дневните температури се сеуште високи, пожарникарите и пилотите се исцрпени и на крај на силите.

Апелирам до сите градоначалници да ги следат законски пропишаните процедури и да бараат воздушна подршка тогаш кога се исцрпени сите останати можности. Пожари не се гаснат од воздух со ер трактори и хеликоптери без подршка на пожарникари од земја. Невозможно е да се изгасне пожар додека врз него не згазне пожарникарска чизма.

ЦУК ја проценува неопходноста од употреба на воздухоплови а доколку се употребат ги координира. Бројот на воздухоплови е ограничен а бројот на пожари секој ден е огромен.

Во моментов има 6 активни пожари од кои четири се поголеми и поопасни. До вечер ќе станат многу повеќе. Напоменувам дека и најмалиот пожар за миг може да прерасне во голем пожар кој ги загрозува човечките животи, здравје и имот.Сејфти фрст!