Тажен 8 септември – почина македонската спортска легенда

Со неизмерна тага и болка ви соопштуваме дека денес на 69-годишна возраст ненадејно почина нашиот колега, пријател и тренер Иван Лесевски.

Тој е роден на 11 јануари 1954 година. Дипломирал на Факултетот за физичко образование, спорт и здравје во Скопје. Со повеќе од 40 години активно работење, својот живот го посвети на спортот и ги оствари најдобрите резултати во историјата на македонското скијање.

Во својата долгогодишна кариера, Лесевски беше тренер на јуниорската репрезентација на Југославија, тренер во ски клубот „Работнички“ и тренер на македонската скијачка репрезентација, како и член на раководните структури на Скијачка федерација на Македонија и Сојуз на спортови на Скопје, како и организатор на голем број на спортски настани.

За својата работа, делување и успешност, добитник е на многубројни награди: Тренер на годината на град Скопје 2014 година, после остварените успеси на Зимски олимписки игри 2014 во Сочи, 2 пати се закитил со наградата „13 Ноември“ за најдобар тренер, а во 2019 година се стекнува со Награда за животно дело.

Лесевски до последен ден активно работеше и придонесуваше за развојот на скијачките спортови во Македонија.

Скијачка федерација на Македонија изразува сочувство до неговото семејство и искрено жалење за оваа огромна загуба.

Последниот поздрав со Иван Лесевски е во сабота (09.09.2023 година) во капелата во Ѓорче Петров од 13 часот, а погребот ќе се изврши на гробиштата во Ѓорче Петров во 14 часот.