Штипските газди по најавите за влез на странска инвестиција го кренаа гласот поради тоа што ќе останат без работници

На земјава ѝ треба увоз на работна сила, а не отворање на нови работни места на кои нема кој да работи. Вака домашните инвеститори ја коментираат новата странска инвестиција во штипската ТИРЗ.

Кирил Нашков, претставник на штипските текстилни конфекции во Кластерот за текстил, вели дека секоја странска инвестиција е добра за државата, но зависи под кои услови, а проблем е и тоа што во Заводот кај нас нема невработени.

„Ако одиме на тоа дека, веројатно, ќе ги имаат истите услови како другите странски инвестиции, тогаш веќе треба да се направи друга анализа.

Кај нас под Заводот нема невработени луѓе, што значи дека ние за да вработиме нови 600 луѓе или треба да се префрлат работници од постоечките капацитети во новата фирма или да се увезе таква работна сила од странство.

Ние веќе и имавме некои иницијативи како Текстилен кластер дека државата мора да размислува веќе на увоз на некаква работна сила и да се дозволи таков увоз, бидејќи ние веќе постоечките фирми имаме проблем со работна сила. Со таа работна сила прашањето се поставува уште подлабоко“, вели Нашков во изјава за Мнет телевизија.

Ангел Димитров од Организацијата на работодавачи, пак, посочува дека нема логика да доаѓаат странски компании кои вршат ист тип на работа како домашните и кои бараат исто квалифицирани работници, а со тоа истите само да се одливаат од домашните и се влеваат во странските компании.

„Најпрвин, државата губи затоа што овој работник што во нашите конфекции плаќа даноци и придонеси ќе отиде таму, ќе се намалат приходите во фондовите за пензиско и здравствено.

Наместо да се подобрат условите, ќе биде уште полошо, така што не гледам логика да доаѓаат такви компании од каде што ќе ангажираат мануелен труд и каде што е доволно да распознавате црвена, сина и зелена боја и да може да работите кај нив.

Ако дојдат компании со повисока технологија, тие ќе даваат и многу повисоки плати од нашите и тогаш е во ред. Но да доаѓаат вакви компани, навистина, не гледам логика во тоа“, вели Димитров.

За домашните компании сѐ уште е нејасно какви финансиски привилегии ќе добиваат тие странски инвестиции. Нашков вели дека за отворање вакви компании од Влада никој ги нема контактирано, а за увоз на работна сила во државата првиот проблем кој треба да се премости е законската регулатива.