Што се подготвува – Србија трупа војска на границата, а Косово ја мобилизираше цела армија

Радио Слободна Европа денеска воочи движење на воен конвој на југот на Србија, од правец на Врање кон Ниш, кај местото Предејане, откако Вашингтон и Брисел изразија загриженост поради распоредувањето на српски сили долж границата со Косово.

Предејане се наоѓа на 300 километри јужно од Белград и на околу 100 километри од најблискиот граничен премин меѓу Србија и Косово, Мердаре.Конвојот со возила на Војската на Србија, како што забележа репортерот на РСЕ, околу пладне се движел од југ кон север.

Српската војска ги распореди своите сили долж границата со Косово по нападот врз косовската полиција на 24 септември во селото Бањска во Звечан. Косово ја обвини Србија за овој напад, а Белград негира поврзаност.

Белата куќа вчера објави соопштение во кое изразува загриженост за српската воена мобилизација во близина на границата со Косово. Шефот на Владата на Косово изјави дека го уверил советникот на Џо Бајден за континуираната соработка на косовската полиција со КФОР.

Додека денеска војската на Косово е повикана во состојба на готовност. „Газета Инсајдери“ преку извори дознава дека војниците на КБС од 04:00 часот наутро добиле повик за мобилизација. Во овој повик од нив било побарано да одат во базата.

Сепак, министерот за одбрана на Косово, Ејуп Макќедонци, рече дека ова е повик за подготвеност, но, според него, тоа е вообичаено.

„Тоа беше редовна состојба на готовност на единиците на повик, што вообичаено се практикува во КБС“, изјави министерот за Инсајдер.