Бајрам од Штип: Нудам 600 евра месечно плата за молзење овци само наутро, но нема
Околу 350 овци и педесетина кози има во фармата на Бајрам Омер во село Лакавица, ама вели од година во година оваа бројка постојано се намалува. Не е проблем откупот на јагне или млеко, туку немањето работна рака.
Тој сам со неговата сопруга секојден, цел ден се во фармата со овците. Вели не одат на гости, на свадба оти нема кој да се грижи за стоката, па затоа принудени се бројот на овци да го намалат. За пример вели нуди 600 евра месечно само да добие помош од некој кој ќе ги молзи овците наутро, но никој не доаѓа.
„Намалува се фондот, лани над 400 имавме, оваа година околу 350, имаме намера да го намалиме оти сами работеме и не можеме да стигнеме. Работници нема, од 1000 до 1500 евра месечно одат платите на овчарите, ама нема. Ние не се жалиме на откупот на јагне, млеко и слично, се е џабе и 400 денари да е јагнето жива мера не можеме да работиме. Нема работници, ние сами работеме со жената.“ – вели Омер за Мнет телевизија.
И неговите деца наместо по училиште да пишуваат домашна задача и да се подготуваат за утрешниот ден одат на фармата и помогаат во работата со стоката. Дециден е дека со само двајца неможе да се чуваат овци, а со примањата пари има само колку за еден нормален живот.
„Сабајле станувам околу 5 часот, до 10 часот имаме работа околу фармата, па после 10 часот одиме на паша до 18, и потоа пак овде до 22 часот. Децата после училиште доаѓаат овде на фармата. И они не можат да учат нема кој да и помогне оти имаме многу работа околу овците.“ – додава Омер.