Ковачевски: Ќе предложат замената на возачките и сообраќајните дозволи да бидат бесплатни за граѓаните
Министрите на СДСМ денеска ќе предложат замената на сообраќајните и возачките дозволи да бидат бесплатни за граѓаните, до крајот на годината, рече претседателот на СДСМ, Димитар Ковачевски денеска во одговор на новинарско прашање.
-Пратеничката група на СДСМ вчера, нормално и претседателот на Собранието кој е сега од нашата партија низ разговор со сите политички партии дојдоа веднаш до консензус дека треба да се продолжи рокот на важењето на документите кои се за внатрешна употреба и тоа се направи. Нашите министри денес на Владата ќе предложат решение со кое што замената на возачките дозволи и сообраќајните дозволи до крајот на годината ќе биде бесплатно на трошок на државата за да може и тој процес до крајот на годината да се реализира како што треба, рече Ковачевски.
Би искажал и жалење во однос на она што граѓаните го поминуваат, мора да се биде реален, додаде Ковачевски наведувајќи дека досега сменети над 1,2 милиони патни исправи, над 550 илјади од бројките кои се достапни сообраќајни дозволи и возачки дозволи.
-Она што треба да се истакне е дека во изминатите години имавме 2 години пандемија која што ги наруши и каналите на снабдување, ги наруши и голем дел на производствени процеси во фабриките во кои се произведуваат голем број на документации итн. Секако и можноста за брзо издавање на документите со оглед на тоа дека скоро 2 години имавме мерки за физичко разграничување на граѓаните не само во нашата држава туку и во другите држави во Светот. Секако дека тоа влијаеше.
Она што е важно дека голем дел од патните исправи се заменети, меѓутоа би сакал да истакнам дека секое ширење на паника, секое давање на популистички и на како да кажам изјави кои што не се во насока на решавање на проблемот туку се во насока на лично себе истакнување не носат ништо добро. Исто така се покажа уште еднаш дека не е добро да се даваат популистички и лажни изјави бидејќи ние бевме сведоци во изминатите 4 години каде што дел политичари кажуваа немојте да ги заменувате документите бидејќи ќе го враќале името, сега гледаме дека тие политичари станаа дел од Владата а не велат дека ќе го вратат името назад и дека ќе го сменат Уставот, таква изјава не слушнавме.
Се надевам дека МВР со сите свои управи и своето раководство ќе успеат да обезбедат навремено снабдување со обрасци во делот на делот на издавањето на патните исправи бидејќи и тоа сложен процес на обезбедување на обрасци, бидејќи тие не се произведуваат во нашата држава туку се произведуваат во Германија и секако дека со правилно организирање на процесот тој ќе заврши, рече претседателот на СДСМ, Димитар Ковачевски.