Македонецот Виктор: На 12 февруари од Фиџи треба да заминам за Македонија, но не знам како
Виктор Настески кој работи на крузер на 12 февруари ќе пристигне во Фиџи, земја во јужниот дел на Пацификот, која е повеќе од 15 000 километри оддалечена од неговиот дом. На тој ден, Настески пасошот веќе му истекува и тој не знае како ќе може да се врати во својата држава.
Повеќе од 230 македонски државјани, кои што живеат и работат на некои од крузерите ширум светот, се заглавени по морињата и океаните и се соочуваат со опасност да не можат да се вратат назад дома, со старите пасоши до 12 февруари, кога истекува нивната важност.
Зоран Кочоски, директор на компанијата „Коузон“, која посредува при вработување на крузери, вели дека станува збор за сериозен проблем.
„Имајќи во предвид дека тие пловат по океаните и морињата ќе се најдат во една незгодна ситуација да нема каде да аплицираат за добивање на патен лист. Од друга страна компаниите во моментот ги форсираат да се вратат назад пред 12 февруари. Значи голема загуба на финансиски средства, раскинување на работни договори и трошоци за враќање дома. И најмногу од се неизвесност кога ќе можат да извадат нов македонски пасош“, вели Кочоски.
Еден од оние кој не знае како и дали воопшто ќе може да се врати е Виктор Настески. Со него разговаравме додека со бродот каде што работи плови по Тихи океан.
„На 12 февруари стигнуваме во Фиџи. Пред некој ден добив е-маил од компанијата дека треба да си одам од бродот на 12 февруари. Но и компанијата не знае што да направи. 12 февруари е веќе доцна. Јас ако летам на 12 февруари, треба да летам преку Австралија, Катар, Турција, Белград. И тоа ќе трае скоро 40 часа. Значи и на 13-ти би летал. Кој ми гарантира мене дека некој нема да ме запре на некој аеродром и нема да ме пушти со овој пасош што го имам сега, со Република Македонија“, вели Настески за Гласот на Америка на македонски јазик.
Сторијата во целост може да ја проследите на mk.voanews.com