Марина од Кочани две години е во постела неподвижна: Сакам само да застанам на нозе и од никого да не зависам
Марина Лазарова е 46 годишна жена чиј живот започнал несреќно, а детството и поминало во дом за деца без родители. На 15 години откако ја испуштиле од домот заѕвонела на вратата од сопствената мајка од каде повторно била избркана.
Па, за да не остане на улица била приморана да се омажи и да роди три деца. За жал, тој брак многу брзо ќе згасне, па таа останува самохрана мајка, која мора да работи три работи само за да ги прехрани најмилите и себеси.
Среќа, добила социјален стан во Кочани, но желбата за подобра егзистенција ќе и го покаже патот за Италија каде долго макотрпно ќе работи во лозје за да испраќа пари дома во станот на децата.
За несреќа, таму доживува сообраќајка со трактор во која ќе биде тешко повредена. Но, успева да застане на нозе. Подоцна доживува и мозочен удар, после кој одлучува засекогаш да ја напушти Италија.
И, од ударот успева да застане, но кога повторно ќе се опорави, приморана да работи за да преживее, на работното место се здрвува и останува неподвижна.
Марина вели дека две години е во постела и најтешко и е што никој не ја ни прашува како живее. Ниту има за храна, ниту може нешто да си приготви. А, се што сака да собере доволно средства за да замине на рехабилитација и повторно да застане на нозе и да работи.
Марина е родена во Штип, а потекнува од Пробиштип. Од мала била оставена во дом бидејќи не била посакувана од сопствената мајка.
По тешките домски години, повторно ја замолува мајка и да ја прими од каде го добива вториот удар уште потежок-вели Марина. Немајќи излез таа морала да се омажи многу мала и да основа семејство сеуште неподготвена за такво нешто.
Бракот ќе се покаже како неуспешен, но, и се раѓаат три деца кои подоцна лавовски сама ќе ги изгледа во социјалниот стан кој и го дава државата.
-Тешко ми започна животот, но бев помлада и поздрава се борев. Од мала, мајка ми ме остави во дом и на 15 години кога повторно сакав да и заѕвонам на врата, таа уште еднаш ми рече, каде си била до сега таму да си се вратиш. И, на тие години, немав избор морав да го побарам спасот во маж и брак.
Се започна добро, родив три сина, но, подоцна ми стана неиздржливо и морав да се разведам. Сопругот се пресели во Германија, каде сеуште живее, а, јас сама ги исчував децата со прекумерна работа поради која еве денес сум во постела и не можам да одам.
Ми имаа речено да ги оставам во дом, но, реков не, јас свои деца не оставам да растат како јас што растев. И се жртвував за нив.
Ми помагаше фамилијата од страна на бившиот сопруг и ги пораснав во личности кои денес имаат свои семејства. Само што сега јас сум сама и никој не ме гледа- со солзи ја започнува Марина својата тажна животна сторија.
Желбата за подобар живот свој и на децата ќе ја однесат Марина во лзојата во Италија, каде покрај заработувачката за леб, ќе доживее повеќе немили настани, од кои една тешка сообраќајка со трактор и мозочен удар. Последиците од тие две несреќи и денес ги трпи легната во постела и неподвижна.
-Во потрага по поубав живот за мене и децата, заминав за Италија каде печалев добро и праќав пари на децата. Но, еден ден доживеав несреќа со тракторот на лозјето каде работев и помина доста време додека се опоравив.
Потоа, пак се вратив на работа и седум години подоцна доживеав и мозочен удар. Одлучив веќе ќе ја напуштам Италија, зашто се покажа како лош избор за мене и се вратив да се лечам во родната земја. Сепак, откако се опоравив и од ударот, не мирував и се вработив повторно.
Е, тогаш си потпишав и сопствен колапс зашто не смеев да стојам на нозе според препораките на докторите, а мене работата ми беше во фабрика. И еден ден, јас како непослушен пациент кој си го вадеше парчето леб се онесевестив и веќе не застанав на нозе – додава оваа несреќна жена.
Откако е во постела Марина вели дека многу тешко живее. Нема како да заработи, нема никакви средства за да замине на рехабилитација, а докторот и рекол дека само тоа и спас за да прооди.
Сепак, тешко и е што е осамена и никој не ја посетува, а нема ниту за храна па принудена е да јаде само леб и вегета. Се што сакам вели оваа жена е да застанам на нозе, па, се што имам ќе донирам на оние на кои и м е потребно.
Три години сум во постела и немам како да спечалам за леб. Немам никаква помош ниту подршка. Ми треба негователка, зашто сама не сум способна ниту до тоалет да отидам.
Колку пати ќе станам да направам салата и ќе паднам. А, нема кој да ми зготви. Немам ниту средства за да купам. Па често јадам само леб и вегета-вели Марина.
Таа додава и дека не сакам пари, не сака ништо материјално, само да и се помогне да собере доволно средства за да замине на рехабилитација, зашто докторот и потврдил дека не треба да прави операција, само вежби и физикална за да може повторно да оди. Но, таа не може да си го дозволи ниту тоа.
Сите кои сакате да и помогнете на Марина да застане на нозе, тоа можете да го направите на нејзината трансакциска сметка на Уни банка 240137118034962 или ИБАН МК 07240137118034962, а контакт со неа може да остварите на нејзиниот телефонски број 0777539525