Мисијата успешно завршена – Јакимче од Кратово си го доби она за што долго мечтаеше
Пред некој ден, на Фејсбук страницата на Аберџија од општина Кратово, осамна статус во кој стоеше:
Драги пријатели, доколку сте во можност и имате желба да покажете хуманост и милосрдие, еве ви шанса. Младо 13-годишно момче од Кратово со посебни потреби, веќе подолго време мечтае да има ТАБЛЕТ (нема да пречи и смартфон).
Живее во семејство во социјален ризик, а неговите родители не се во можност да му ја исполнат желбата. Замолија доколку некој има вишок таблет или смартфон (не мора да е нов), да го подарат на детето и да го израдуваат.
Ако сакате да помогнете, пишете ни порака во инбокс за да Ве поврзам со семејството.
Македонските граѓани повторно ја покажаа својата хуманост на дело, па од истиот портал објавија дека мисијата е успешно завршена:
Јакимче, тоа мало прекрасно детенце, денес беше најсреќното дете на светот. Неговата најголема желба, да има таблет, конечно се исполни.
Откако пред неколку дена порталот АБЕРЏИЈА повика добрите луѓе да покажат милосрдие, уште истиот ден тројца донатори го напонија со радост срцето на Јакимче.
Градоначалникот на Кратово, Тодорче Николовски, преку свои пријатели обезбеди таблет Samsung Tab A8ÂÂ и во својот кабинет го прими Јакимче, посакувајќи му добро здравје и безгрижно детство.
Средношколка од трета година во СОУ „Митко Пенџуклиски“ му подари смартфон Samsung A10 со припејд бројче.
Својата хуманост ја покажа и Македонец од прекуокеанските земји, кој извесен период живееше во Кратово. Тој испрати 7.800 денари кои му беа врачени на Јакимче.