(ФОТО) Македонката Анета Павловска му донесе среќа на Новак Ѓоковиќ – беше веднаш крај него цел меч
Српскиот тенисер Новак Ѓоковиќ и официјално стана најдобар играч на сите времиња во „белиот спорт“. Со триумфот над Каспер Руд во финалето на Ролан Гарос (7-6, 6-3, 7-5), испиша рекорди кои тешко дека некој друг ќе ги урне.
Ѓоковиќ во меч во кој траеше повеќе од три часа му одржа тениска лекција на младиот противник кој е четврти тенисер на АТП-листата и така успеа да дојде до 23-тиот Грен Слем пехар, со кој стана единствен на врвот.
Македонска судијка беше дел од финалниот натпревар на Ролан Гарос, на кој Новак Ѓоковиќ испиша историја.
Српскиот ас играше со Каспер Руд, а за регуларноста на натпреварот вклучена беше и Анета Павловска, тениска судијка од Македонија. Таа е поставена за линиски судија на овој голем натпревар за светскиот тенис.
Анета Павловска редовно е дел од големите тениски турнири како судија, а за првпат на Ролан Гарос дебитира во 2017 година кога стана првата Македонка која е дел од овој голем тениски турнир во „градот на светлината“.
Националната лиценца за судија Павловска ја поседува од 2007 година, кога за првпат имавме Дејвис Куп натпревари во Македонија, па потоа во 2016 стана дел од ИТФ.