Македонците во Австралија викендов беа презадоволни – јадеа буреци, ќебапи, колбаси, не остана никој гладен

Македонската дијаспора во Австралија е една од најголемите во светот. Освен тоа, тие се можеби едни од најголемите заложници за зачувување на македонскиот јазик и култура во светот.

Честопати може да прочитаме и да видиме најразлични активности преземени од страна на македонските друштва низ Австралија.

Она што секогаш остава впечаток е заинтересираноста, заложбата на најмладите да го негуваат и изучуваат македонскиот јазик.

Така и овојпат, по пауза од три години поради пандемијата, се одржа традиционалниот Македонски фестивал на храната во организација на Македонската организација на заедницата МАСО.

Во паркот во Јаравил посетителите имаа можност да уживаат во богатата културно уметничка програма, да вкусат традиционална македонска храна но и да видат стари традиционални носии и голем избор на македонска литература.

На фестивалот на храната за дел од македонските традиционални јадења се погрижи готвачот Борче Стојановски, а освен тоа се одржа и богата културна програма.

Во забавниот дел главни ѕвезди беа познати македонски музичари како Татјана Лазаревска, Новица Василевски, Вера Трајковска, Јаневска, Васко Николовски, Иван Радевски и Боге Ристевски, а како гостинка од Македонија настапи Сања Ристеска.

Со македонски ора се претставија и културно уметничките друшства “Јане сандански”, “Светлост” и “Гоце Делчев”, а како гости беа и Виетнамска танцувачка група.

Задоволството кај организаторот беше неизбежно и најави дека оваа традиција со која се отсликува македонската традиционална кујна, култура, јазик и фолклор ќе продолжи и во иднина.

– Многу сме презадоволни, дури народот што ни има кажано ваков фестивал немале видено, програмата пејачите храната. Прекрасна програма – млади пејачи, постари, играорни групи.

Имаше буреци, ќебапи, колбаси, гевреци. Не остана некој глааден денес имаше многу јадење и многу се задоволни, вели организаторот.