Од денес започна новата учебна година која и донесе радост на наставниците – особено од една причина

Од денес околу 255 илјади основци и средношколци ја почнуваат учебната 2022/2023 година во која наставата, по две пандемиски години, стартува без антиковид-протоколи и заштитни маски.

За учениците од прво, второ, четврто и од петто одделение се подготвени нови наставни програми за предметите, согласно Концепцијата за основно образование која од лани се спроведува етапно и, според планот, треба да биде заокружена за пет години во целото деветгодишно образование.

Учебниците според новите наставни програми се во различна фаза на одобрување и додека ги добијат, учениците од овие одделенија ќе учат од соодветни материјали во кои се разработени содржините од првото тримесечје.

МОН уверува дека не се работи за скрипти, туку материјали кои се квалитетни и креативни и учениците ги добиваат бесплатно.

Министерот Јетон Шаќири вчера на прес-конференција истакна дека МОН е многу поподготвено од претходните години зашто на првиот училишен ден ќе има за сите ученици – материјали за учење за прво, второ, четврто и петто и учебници за останатите одделенија во основното и за средното образование.

Септемвриската плата за вработените во основното и средното образование е повисока за 15 проценти, соопштија од Министерството за образование и наука (МОН).

Од таму за Мета.МК велат дека тоа значи оти околу 32.500 вработени, од кои 25.000 наставници, добиваат дополнителна мотивација за работа и лично вложување во унапредувањето на квалитетот на образовниот систем.

„Заедно со досегашните зголемувања од 21 процент, вработените во образованието добиваат историски најголема поддршка. И во услови на економска и енергетска криза, пари за наставниците има“, велат од МОН.

Министерството за образование додава дека обезбедува услови за професионален и кариерен развој на наставниците преку постојани обуки и дека продолжува да работи на подигнување на дигнитетот на просветителската дејност.