Украински пратеник кој побегна од земјата сега стана македонски репрезентативец – се натпреварува со коњ

Можеби насловот кога ќе го прочитате на прва ви делува нереално, но напротив, ова е вистина.

„Македонскиот репрезентативец во коњички скокови Олександр Онишченко освои седмо место во Сен Тропе“. Вака би се очекувало да гласи насловот што би се проширил во спортскиот свет во Македонија откако во октомври овој Украинец, кој има и руско државјанство, се натпреваруваше под македонското знаме.

Tаква вест не може да се најде во спортските медиуми. Всушност, името на Олександр Онишченко воопшто не може да се пронајде напишано на македонски јазик.

На украинската политичка сцена, името на Онишченко се спомнува како на поранешен пратеник што избегал од земјата во 2016 година, откако Антикорупциската комисија отворила истрага за него за перење пари и кор упција.

Пет месеци откога го добива македонското државјанство, тој настапува под македонското знаме на натпревар во коњски скокови, во Сен Тропе. Видеото од натпреварот го објавува на својот инстаграм-профил на 15 октомври, пренесува Призма.мк

За добивањето државјанство, иницијативата ја поведува Федерацијата за коњички спортови.

Ристо Јосифовски, претседател на коњичката федерација на Македонија, за БИРН потврди дека тие побарале државјанство за него.

Во мислењето од Агенцијата за млади и спорт, кое БИРН го доби согласно Законот за пристап до информации од јавен карактер, се наведува дека институцијата „не дала позитивен одговор за стекнување државјанство бидејќи е ненадлежна“.

Меѓутоа, во мислењето испратено до Владата, Агенцијата се повикува на коњичката федерација, која „цени дека тој ќе го поддржи развојот на коњичкиот спорт“, дека има искуство како тренер и дека ќе ја претставува „нашата држава на врвни спортски меѓународни настани“.

Првиот датум што може да се најде за процедурата во македонските институции за Онишченко е 12 февруари 2021 година. На тој датум во истиот документ се наведува дека Македонскиот олимписки комитет (МОК) му дал позитивно мислење.

Првиот човек на МОК, Даниел Димевски, за БИРН вели дека иницијатор за ангажманот на Онишченко е коњичката федерација, а комитетот само оценил дека овој човек може да се пласира на Олимпијада под македонското знаме.

Димевски објасни дека се создава македонска репрезентација за овој спорт, покрај Онишченко има уште еден репрезентативец „позајмен“ од Словенија и оти коњите со кои тие двајца настапуваат (и кои се исклучително скапи) се во сопственост на Украинецот.