Благица од пехчевско: Од 4200 денари социјална помош, 1200 месечно трошам на свеќи
Уште една тажна социјална сторија за живот во Македонија – „Без струја, без, вода, без ништо, со куќа која паѓа врз мене како можам да живеам“ – вели Благица.
Шест години вака живее Благица Стојанова во пехчевското село Панчарево. На студ и мраз, без струја, без вода, во куќичка која може да се распадне во секој момент. Живее сосем сама, сама носи дрва за да стопли една соба и да преживее на минусни температури.
„Со свеќи, со 4200 денари социјално, ништо друго немам, мора да се трудиш да преживееш, носиш дрва на грб ако сакаш да се стоплиш “ – вели Стојанова.
Од 4200 денари социјална помош, 1200 денари вели месечно троши на свеќи, речиси никогаш не може да си овозможи три оброка во текот на денот. Пари има само за леб, а помош вели добива понекогаш само од црквата.
Има кардиоваскуларни болести, проблеми со бубрезите и низок притисок. Стравува за својата иднина, оти како што вели пред камерите на М-Нет телевизија нема кој да и помогне за да ја преживее зимата
„Најповеќе проблем ми е струјата и водата, и куќата да не падне врз мене. Со социјалната помош ќе издржиш да јадеш, ама не и да ја направиш куќата. Пари има колку да преживееш, да го поминеш денот, оти за друго нема пари, само свеќите чинат 1200 денари месечно“ – додава Стојанова.
Стојанова со солзи во очите вели не бара многу, само струја и вода колку да преживее и да се среди куќата која е во распаѓање. Помош барала многупати до сега но вели ретко некој го слушна нејзиниот крик за нормален живот. Храна, облека, средства за хигиена, се повеќе од потребни за да ја преживее и оваа студена зима, и да продолжи со нормален начин на живот.
Цела сторија со видео прилог може да ја погледнете на Мнет тв.