Велешанката Ѓурѓа проговори за агонијата што ја минала во Израел и како побегнала и се вратила во Македонија

Телма стапи во контакт со еден од последните евакуирани македонски државјани кои пристигнаа дома преку Атина. Велешанката Ѓурѓа Рушкова раскажува за стравот и неизвесноста што ја доживеале во изминатите четири дена.

Нивната туристичка посета на Витлеем се претворила во кошмар. Вели често се слушале сирените за воздушни напади и силните експлозии. Заедно со уште петмина други туристи не можеле да ја издржат неизвесноста и од хотелот во Ерусалим, сами, на сопствена одговорност, со такси, се упатиле кон аеродромот во Тел Авив.

-Се беше во ред до тоа утро во 8 часот кога слушнавме бомба, но не мислевме дека е нешто сериозно. Бевме известени дека мора да го смениме хотелот и да одиме во Еурусалин. Таму почна поголема драма, почна пукање, армијата излезе на улица, се апсеа луѓе. Потоа почна да биде страшно, се пукаше, одекнуваа бомби, не се спиеше, беше страшно, летаа авиони. Ние три дена бевме во агонија.

На секој час имаше сирени, имаше војска за улиците, ни рекоа ни од хотел да излегуваме.Но три дена не се седи во хотел, па со другарки земавме такси и отидовме на аеродром и велиме таму ќе седиме.

Сами на наша одговорност го направивме тоа. На аеродромот беше хаос. По четири саати чекавме да влеземе. Во меѓувреме добив повик од амбасадата наша, ми велат има две слободни места за Атина, ја се согласив веднаш, велам нема проблем.

Летавме од Тел Авив до Атина каде што бевме пречекани од амбасадорката наша која не презема со кола и не пренесо до автобуска. Потоа до Солун одевме со автобус каде што исто така не пречека наш конзул кој со автомобил не однесе до граница. Потоа не презеде МВР и се вративме дома, вели Ѓурга за Телма Тв.