„Визер“ оваа летна сезона осетно ја намалува понудата на летовите од и до Македонија
Оваа летна сезона, која започнува на 31 март и трае до 26 октомври, „Визер“ ќе отстрани од понудата на пазарите во Србија, Македонија, Хрватска и Босна и Херцеговина дури 1,4 милиони седишта на своите летови во споредба со првичните најави според податоците од глобалните дистрибутивни системи (GDS), а пренесени од Екс-Ју Авијација.
Причина за ваквото намалување е приземјувањето на дури една петтина од авионската флота поради вонредна проверка на моторот, за што Аеро.рс веќе неколку пати пишуваше.
Унгарската нискобуџетна авиокомпанија го намалува бројот на летови во регионот во текот на летото за 22,3 отсто во однос на првично планираните, додека вкупниот капацитет е намален за 31,5 отсто.
Споредено со лани, тоа е за 20,8% помалку летови и 30,7% помалку седишта. Затворањето на базата „Виз ер“ во Тузла во септември минатата година исто така влијаеше на овие бројки.
Скопје, најголемата база на Визер во поранешна Југославија, летово ќе има намалување на вкупниот капацитет за 25,3 отсто во однос на планираното. Авиокомпанијата ќе ги намали и своите операции во однос на минатото лето, со намалување на капацитетот за 15,7 отсто. Со ова македонскиот пазар ја загуби позицијата на втор најбрзорастечки во Европа годинава. Намалувањето се однесува и на Охрид, кој загуби 48,3 отсто од капацитетот на унгарската авиокомпанија во однос на лани.