Во 21ви век со коњ носи вода за пиење – Мехмед од штипско живее без струја и храна: Сакам како човек да живеам, а не како животно
Живееме во 21ви век кога би требало да се подразбира сите луѓе да ги имаат основните услови за живот, но за жал кај нас тоа не е секогаш така. Без електрична енергија, без вода, но и без соседи во 21 век живее Мехмед Рушет со неговата сопруга во плачковичкото село Курфулија.
Најблиската продавница е оддалечена нешто повеќе од 7 километри, живеат на сончева светлина, а вода носи од соседното село на оддалеченост од 4 километри.
За да се снабди со вода за пиење му се потребни два часа,а за јадење чека некој од соседните села да помине за да му остави нешто.Нема ни возило, што му го отежнува животот дополнително.
– Јас сакам комшии да имам, струја да имам, сакам како човек да живеам, но како животно сум. Немам пари, не можам да купам кола, не можам да купам трактор..земја не можам да одржувам. На децата помогнавме и тие странство избегаа – синовите. Јас останав тука за никаде, вели Мехмед пред камерите на Телевизија Стар.
Преживуваат од минимална социјална помош, но тоа е далеку од доволно. Порано се занимавал со сточарство, но сега трлото им стои празно затоа што не се во можност да одгледуваат.
Повеќе од една деценија живее во ваква состојба откако неговите деца заминале во странство. Оставени сами во планинско село со неговата сопруга имаат потреба од храна и струја.
Од општина Карбинци истакнале дека се подготвени да му излезат во пресрет и да му помогнат на ова семејство да ги има основните услови за живот. Целиот прилог може да го погледнете на Телевизија Стар.