Голема спасувачка акција попладнево во охридско
Регионалниот ЦУК Охрид денеска попладне координира дел активности со спасителна акција на планината Галичица, којашто заврши успешно.
Конкретно, во 16.19 часот преку Единствениот број за итни повици 112 во ЦУК е примена пријава за изгубените двајца мажи, странски државјани (од кои едниот имал повредена нога) и една жена во Националниот парк „Галичица“, во повисоките делови на истоимената планина. Двајцата мажи се пронајдени кај планинарската куќа на Н.П. „Галичица“ во 17.30 часот, а жената е пронајдена на подалечна локација во 17.50.
Веднаш по дојавата за помош од изгубените, на терен брзо излезе екипата на единицата за спасување на планина од Планинската спасителна служба при Црвен крст Охрид, којашто е доброволна волонтерска организација, што делува во регионот околу Охридското Езеро, односно на територија на општините Охрид, Струга, Дебарца, Вевчани, Ресен и Поградец. За настанот ЦУК ги извести дежурните во Подрачната единица на ДЗС, а и во МВР – ЦИК од Охрид.
Лицата утрово тргнале од Охрид со сино возило и застанале на паркингот „Г6“, а потоа пешки се упатиле нагоре по пешачкиот дел на Галичица.
Почнале да пешачат од 09.30 часот, но се изгубиле по планинските патеки, па попладне се јавиле за помош на 112 во ЦУК, по што веднаш е организирана спасителна акција.
Во спасувачката акција, покрај единиците од планинарска служба Охрид и Ресен учествуваше и патрола од Гранична Полиција од Св.Наум.