Д-р Дејан Трајковски: Нека остане запишано каква мизерија ги очекува дипломираните доктори по 5-6 години

Познатиот доктор Дејан Трајковски повторно излезе со своја детална анализа во врска со бројот на студенти на медицина, како и за тоа што ќе се случува во наредните неколку години ако се продуцира голем број на медицински кадар.

Ланската информација дека од Македонија за 5 години заминале 600 доктори на прв поглед звучеше поразително и изгледаше дека земјата останува без доктори. Но, ако ја погледнеме поголемата слика и ги направиме пресметките, ќе видиме дека ништо драматично не се случило, туку напротив – бројот на доктори, особено пресметан на 1.000 жители, постојано растел. Со други зборови, не можат да заминат толку многу доктори колку што трите (од годинава четирите) медицински факултети во земјава можат да (хипер)продуцираат кадри.

Одиме со ред. Вкупниот број на доктори во Македонија во последните 10 години се движел вака:2012 год.: 5.755 доктори 2017 год.: 6.220 доктори 2021 год.: 6.316 доктори. Се гледа дека бројот на доктори постојано растел и достигнал заситување, при вкупен број на жители во државата што постојано се намалувал. (Извор: „Македонија во бројки – 2023, страна 19, https://www.stat.gov.mk/publikacii/2023/Makedonijavobrojki2023MKweb.pdf).

Да ја пресметаме сега густината на докторите на 1.000 жители. Според последниот попис, во 2021 година во Македонија живееле 1,83 милиони жители, односно имало 6.316/(1.830.000/1.000) = 3,45 доктори на 1.000 жители.

Споредено со 27-те земји на ОЕЦД (воглавно големи и развиени земји), Македонија е практично на просекот на ОЕЦД, којшто изнесува 3,6 доктори на 1.000 жители, а имаме многу повеќе доктори на 1.000 жители од земјите со многу поразвиено здравство, како што се Јапонија (2,60/1.000), САД (2,60/1.000), Канада (2,73/1.000) или Велика Британија (3,03/1.000).

Ова значи дека доктори имаме сосема доволно, па и повеќе од доволно, барем на број, ама работата сепак не ни чини. Тоа што Јапонија или САД успеваат да постигнат многу повеќе со една третина помалку доктори зборува за нивната ефикасност, организираност и продуктивност, односно ја истакнува нашата неорганизираност и неефикасност.

Не треба да одиме подалеку, доволно е да видиме како се работи во приватните болници и да ги споредиме со државните. Докторите се истите (сите преминале од јавното во приватното здравство), единствено организацијата не е иста, а секако и цените. Да не се разбереме погрешно, јас не го фаворизирам приватното здравство, коешто на луѓето им го одзема последниот денар од џебот, па дури ги тера и да се задолжуваат.

Напротив, кога јас би се прашувал, целиот здравствен сектор (како впрочем и образованието) би требало да биде јавен. Многу работи можат да се подобрат, но сосема накратко кажано, државата треба да постави професионални, бескомпромисни менаџери и да го зголеми уделот од придонесите за ФЗО.

Во примарното здравство имаме доволен број на матични доктори (преку 1.200), коишто се прилично рамномерно распоредени по региони, а единствено во најмалите општини е покритично. Засега проблем се само некои специјалности (на пример нефрологија, невропсихијатрија, пулмологија и пневмофтизиологија, имунологија, торакална и кардиохирургија, детска хирургија, максилофацијална хирургија), но за неколку години со добра образовна политика и правилна организација и тоа може се реши. Уште еднаш, проблемот е во недоволната диверзификација, односно концентрација во одредени специјалности, а не вкупниот број на лекари.

Секако, влијание имаше и „грабнувањето“ на докторите од јавното здравство од страна на приватното здравство, но и тука веќе постепено е воспоставена рамнотежа со екипирањето и не се очекуваат нови потреси. Инаку, државата треба да го направи приватното здравство достапно на сите гражани, така што ќе воведе единствени цени, како во јавното здравство.

Да се вратиме повторно на (хипер)продукцијата на докторите којашто допрва ќе зема забрзување. Моментално на трите медицински факултети во земјава студираат (ако така може да се нарече таа општа гужва на факултетите, ако воопшто одат на предавања, вежби и дали има услови за квалитетна настава) вкупно 9.800 студенти, од прва до шеста година. Се забележува дека има многу малку откажани, што значи дека за 5-6 години поголемиот дел од нив ќе дипломираат. Ако претпоставиме дека 60% ќе дипломираат, а од тој број 60% ќе бидат доктори (останатите се сродни медицински струки, но сепак не се доктори), тоа значи дека до 2028/29 година Македонија ќе добие нови 3.500 доктори, што е абнормално голема бројка. Ова сепак е само ориентациона бројка, базирана на моменталните трендови.

Зошто е абнормално голема? Затоа што по пат на природна, генерациска смена годишно ќе се пензионираат само 6.316/35 = 180 доктори (тука сметаме дека работниот век на доктор изнесува 35 години). За 5-6 години ќе се пензионираат се на се 180*5 (или 180*6), односно 900-1080 доктори. Всушност, можеби ќе се пензионираат помалку, бидејќи припаѓаат на генерациите коишто не дипломирале масовно и неконтролирано како денеска. Можеби ќе се пензионираат и малку повеќе, бидејќи некои продолжија со работа до 67 години.

Бидејќи бројот на доктори веќе е еднаков на просекот на ОЕЦД, простор за нови вработувања нема, туку само ќе се заменуваат пензионираните.

Што ќе правиме со одвишните 2.000-2.100 нови доктори? Со постоечкото темпо на исселување од околу 120-150 доктори годишно, за 5-6 години би заминале 600-900 доктори. Во странство, пак, сите не ги чекаат рози. Читам дека врвен хирург од Украина, бегалец во Велика Британија единствено можел да најде работа на растовар на камиони, а докторка кардиолог единствено нашла работа како садомијачка. Нострификацијата на диплома за медицински доктор во англосаксонскиот свет значи практично одново учење на целиот факултет. Ќе видиме како ќе им оди тоа на дел од нашите доктори, особено дипломираните во Тетово или Штип.

Останатите 1.100-1.500, оние што не се исселиле, ќе останат невработени и ќе се чудат што им се случило. Всушност, бројките ќе бидат уште поразочарувачки ако во последен час не проработи разумот и не се стопира отворањето на медицински факултет во Битола, петти (!) во државава со само 1,83 милиони жители.

За споредба, во Србија, држава со 6,8 милиони жители, има 4 медицински факултети (во Белград, Ниш, Нови Сад и Крагујевац) и тие се сосема доволни. Во Хрватска, држава со 3,9 милиони жители, има исто така 4 медицински факултети (во Загреб, Ријека, Осијек и Сплит), при што не запишуваат и не фабрикуваат доктори како кај нас. На пример, во Осијек, град со стотина илјади жители (намален од некогашните 200 илјади), каде гравитира цела Славонија, на медицинскиот факултет од 800 пријавени запишале 70 студенти, за 10 повеќе од поранешните 60. Не станува збор за тетовските 333 или штипските 240 дипломирани (па дури и да го преполовиме тој број со недокторските струки), во градови со 55 односно 45 илјади жители. Што е многу – многу е.

Нека остане запишано тука каква мизерија ги очекува дипломираните по 5-6 години, иако уште отсега се забележуваат првите знаци – во Тетово и Гостивар не само што има невработени доктори, туку веќе има и невработени специјалисти.

Многумина мислат дека некако „ќе се снајдат“, односно дека ќе ги надмудрат пазарните закони на понуда и побарувачка, но тоа нема да се случи. Единствено што може да се случи е да ја урнат цената на трудот, па на новите доктори да им се нуди плата околу минималната.

80% од докторите работаат во секундарното и терциерното здравство. Таму работодавачот е речиси еден единствен (ако ги исклучиме приватните болници), а тоа е медицински центар, што значи тешко се влегува. Останатите 20% работаат во примарното здравство (матични доктори), но таму проблемот ќе биде изнаоѓањето на доволен број пациенти за отворање на нов и одржлив бизнис. Исто така, ќе им одземат дел од колачот и на постарите доктори, што нема да биде убаво за никого.

Но, така стојат работите кога оваа држава нема ни план ни патоказ за ништо – без разлика дали се работи за национална политика, градба на непотребни и прескапи автопатишта, неизградба на хидроцентрали или стихијно отворање на 135 факултети.

Од друга страна, на техничките факултети (машински, градежен и електротехнички) ќе нема студенти ни дипломирани ни за лек. Не се запишуваат ни денеска, а за 5-6 години нема да може да се најде инженер ни под дрво ни под камен, што секако ќе се одрази и на понудените плати.

Затоа, млади момчиња и девојки, започнете да учите сериозно математика, а особено физика, нејзините интересни оддели – механика, термодинамика, хидраулика, електрицитет, магнетизам, оптика, нуклеарна физика, како и програмирање – па запишувајте се и дипломирајте на техничките факултети, Господ да ве види.

Не одете по стадото, туку спротивно од него. Слично како инвестирањето на берзите, не купувајте еуфорично кога сите купуваат и кога цената е непосредно пред уривање (балонот се дуе додека не пукне), туку обратно – купувајте кога е евтино, кога нема интерес за купувањње или кога сите во паника распродаваат. На студиите по медицина балонот ќе се дуе уште извесно време, но во секој случај на крајот ќе заврши со пукање. Особено со најновите факултети во Гостивар и Битола.