Екс заменик-шеф на Украинската разузнавачка служба кој сакаше да влезе во Македонија е осуден на една година затвор
Кривичниот совет на Вишиот суд во Ниш, по неколку рочишта и сослушувања на сведоци, го осуди поранешниот украински разузнавач Андриј Наумов (46), за кој се знае дека бил заменик-шеф на Државната разузнавачка служба на Украина (ДСБУ), на една година затвор за кривични дела перење пари.
За ова кривично дело тој е обвинет во Вишото обвинителство во Ниш, бидејќи на 7 јуни 2022 година, на граничниот пункт кај Прешево меѓу Србија и Македонија, се обидел нелегално да пренесе 592.990 евра, 120.000 долари и два смарагда.
За кривичното дело перење пари, Кривичниот законик на Република Србија предвидува казна затвор од најмалку една до десет години. Бидејќи Андриј Науов помина девет месеци во притвор, поранешниот украински разузнавач треба да излезе од затвор за два месеци.
Со првостепената одлука на Вишиот суд, на Наумов му се одземени сите пари што се обидел да ги сокрие додека ја минувал границата, смарагдите и автомобилот во кој бил со друг пријател, исто така Украинец, а осудениот исто така ќе биде должен да плати казна од 200.000 динари.
Со истата пресуда, на Андриј Наумов му е изречена забрана за влез во Србија и патување низ Србија во времетраење од пет години по издржувањето на затворската казна.
Во образложението на првостепената пресуда, на која право на жалба имаат осудениот екс-разузнавач на Украина и неговите адвокати, беше речено дека неговата вина е докажана пред овој суд, односно дека одбраната на обвинетиот во текот на судската постапка не го докажала тврдењето дека парите – 592.000 евра и 120.000 долари, како и вредните предмети што биле пронајдени во автомобилот на Андрија Наумов потекнуваат од законски извори.
Според украинските власти, Наумов ја напуштил земјата на 23 февруари, неколку часа пред почетокот на руската инвазија. Генералното обвинителство на Украина води истрага против него од 13 март 2022 година.