Зоран од Скопје: Се шокирав од тоа што го слушнав на хрватската граница, барам помош од МВР и Интерпол

Февруари 2022 година на граничениот премин Бајаково, Република Хрватска, педесет и седум годишниот Зоран Николовски од Скопје дознава дека има двојник.

Од страна на службениците му било кажано дека не може да ја премине границата затоа што има распишано потерница од страна на Италија за лице со исто име и презиме кое крадело, тепало, силувало-дело старо 30 години. Неговиот лик бил идентичен како лицето кое се бара а е во системот.

„Почнаа сврти се вака, па онака, па ме сликаа со скенерот. Почнаа да ме испрашуват кога последен пат сум бил во Италија. А јас ни на сон не сум бил во Италија. А тие ми велат ти си бил, се знаеш што се случувалот таму, а јас врска немам“ вели за ТВ 24.

Николовски за ТВ 24, вели дека службениците на тој премин од минатата година до денеска некогаш му дозволуваат да премине, а некогаш добива насоки да се врати во Скопје. Последен пат бил вратен пред неколку дена, односно на 27ми мај. Се обратил и до македонската амбасада во Република Хрватска.

Поднел барања до Министерството за внатрешни работи и Интерпол на 28.6.2022 и 16.05.2023 година. Но, се уште не е известен што се случува.

Апелира овој проблем да се реши еднаш засекогаш, бидејќи има документи за неосудуваност во државата и странство издадени од Кривичниот суд. Поднел изјава и за распишаната потерница, од МВР добил насока да се обрати во италијанска амбасада, оттаму повторно е вратен во МВР.

Зоран Николовски потенцира дека во Италија никогаш не бил, а што се однесува за поминувањето на граничните премини има проблем само на гранични премини, Република Хрватска.