Максим Димитриевски и ЗНАМ имаат пеколна стратегија: Еве како ќе делуваат и колку пратеници ќе освојат

Во октомври минатата година, градоначалникот на Куманово, Максим Димитриевски и официјално ја промовираше својата партија ЗНАМ, каде за претседател е поставен самиот тој. Тогаш, всушност, беше потпишана иницијативата за формирање на партијата од претставниците на 10 граѓански здруженија. Со тој чин тие дадоа поддршка движењето да прерасне во политички субјект.

Партијата тивко, но не и незабележано отвори повеќе свои седишта во различни делови од државата, каде покажа структура, но и преднајави во кои изборни единици Максим и неговата партија ќе одат на претстојните парламентарни избори и ќе се обидат да освојат еден или повеќе пратенички мандати.

Во партијата веќе е подготвен теренот и „играчите“ кои ќе треба да ги истрчаат овие избори. Единствена дилема во моментот е дали да имаат кандидат за претседател, но нашите информации говорат дека партијата ќе извади свој кандидат, кој е добро познат на широката македонска јавност и лице кое би можело и тоа како да освои гласови од независните гласачи.

Партијата ЗНАМ нормално најмногу очекува од Изборната единица 2, односно од единицата во која се наоѓа и Куманово. Во 2021 година, на локалните избори Максим Димитриевски како независен кандидат во битка со СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ, во прв круг освои фантастични 15.151 гласови, бројка која и сега му се смета како „врзана во крпче“.

Јасно е дека под ова ЗНАМ нема да биде со бројот на гласови во Куманово, а многу пораелна е опцијата и да го зголемат бројот на гласови на своето конто. Воедно, во ИЕ 2 се и повеќе скопски општини, каде градоначалниците доаѓаат од редовите на ВМРО-ДПМНЕ, а има голем број на разочарани гласачи од СДСМ. Токму овде е шансата на Максим и ЗНАМ, кои според моменталните изгледи, ќе добијат уште 6.000-7.000 гласови. Заедно со Куманово, вкупниот број на гласови во ИЕ 2 на ЗНАМ се очекува да биде околу 20.000, што би значело и три освени мандати (на претходните избори во 2020 година, Алијанса на Албанците со 20.000 гласови имаше 3 освени мандати).

Во шестата изборна единица, ЗНАМ се свесни дека не можат да очекуваат пратенички мандати, иако е веројатно и таму да објават листи. Тешко ќе биде и во ИЕ1, поради што своите шанси ќе ги бараат во ИЕ3, ИЕ4 и ИЕ5.

„Верниот исток“ е местото каде ЗНАМ ќе има реална шанса да освои најмалку еден пратенички мандат. Во ИЕ3, ЗНАМ се очекува најмногу гласови да освои од Кочани, од каде е формирана базата и ќе се делува во овој дел од државата. Шест до седум илјади гласови ќе бидат потребни за пратенички мандат во оваа изборна единица.

Струмица пак ќе биде главното седиште за ИЕ4, каде исто така може да се очекува голема поддршка и барем еден освоен пратенички мандат. Од информациите со кои располага нашата редакција, ИЕ5 би требало да биде изненадувањето на Максим и ЗНАМ. Таму е создадена база со добри раководства во повеќе градови, со што еден пратеник е „сигурна“ опција, а целта ќе бидат најмалку два.

Накратко, ако ЗНАМ во ИЕ2 освои 3 пратенички мандати, што е реално, исто како што е за очекување да има најмалку по еден пратенички мандат во ИЕ3, ИЕ4 и ИЕ5, тогаш во најмала рака би требало да освојат 6 пратенички мандати. Оваа бројка би била сосема доволна, за да очекуваат добри понуди за влез во владејачката структура.