Младен од беровско: Место јас да кажам цена, трговците ми кажуваат, тие печалат на нашиот труд

Подрумот полн компири, ама откуп нема. Најубавиот планински беровски компир „скапува“ во визбите, вели чичко Младен Пецуровски од беровско Русиново.

Зголемена е цената на нафтата, аргати мора да работат и да се платат по 1500 до 2000 денари дневница, а трговците даваат по 15 денари за килограм компир. Дополнително, и работата е тешка, па затоа се помалку се работи и се произведува компир.

„Компир се сади, ама откупци нема. Секој додје сам си кажува цена колку да му го продадеш компирот, а не јас како газда да кажам 20 или 30 денари за килограм компир.

Одбиваат на цената за превоз оти се од Кочани или Штип и секој гледа да те откачи. Оваа година како што е цената и на нафтата и ан ѓубрето неисплатливо е. Надница секој бара од 1500 до 2000 денари, мора да одведеш народ да се собере компирот. Тешка работа е“ – вели Пенцуровски.

Од годините претходно тој произведувал по 10 до 12 тони компири, денеска производството му е знaчително намалено. Вели дека заработката ја прават трговците кои купуваат компир по 15 денари за килограм, а го препродаваат за цена од 30 денари.

„Дојде трговецот тука, става цена на компирот и потоа го препродава, ако ти го земе по цена од 15 денари го дава за 30 денари.

Печалката е во трговецот, а не кај нас произведувачите. До сега произведував по 10 до 12 тони компир, ама оваа година го намалив производството. Синот отиде за странство и ние двајца што ќе правиме. “’ – вели Пецуровски за Мнет телевизија.