На повидок нова македонска помош за Украина: Ранети војници и повредени деца да се лечат кај нас

Прифатлива е идејата на украинскиот претседател Зеленски ранети и повредени украински војници да дојдат на рехабилитација во Северна Македонија, вели претседателот Пендаровски. Македонските власти разгледуваат и можност за рехабилитација на украински деца од воените зони. На Балканот ваква помош Украина веќе доби во Хрватска.

Балканските држави, вклучително и Македонија, да помогнат во рехабилитацијата на деца од Украина и на ранети украински војници, е иницијатива што претседателот на Украина, Володомир Зеленски ја дискутираше со претседателите на Северна Македонија и на Црна Гора, Стево Пендаровски и Јаков Милатовиќ, на самитот Украина – Југоисточна Европа што се одржа во Тирана на 28 февруари.

Предлогот на украинскиот претседател уследи откако Хрватска во 2023 година, со одлука на владата прими ранети Украинци и ги згрижи во своите здравствени установи.

Зеленски на својот профил на социјалната мрежа Икс сподели видео од средбата со Пендаровски на маргините на самитот во Тирана. Во кратки делови од нивниот разговор се слуша дека двајцата претседатели разговараат за можноста за формирање центар за рехабилитација за ранетите украински војници и украински деца со помош на балканските држави.

„Лидерите разговараа и за создавање центар за рехабилитација на ранетите украински војници и децата на загинатите бранители со учество на балканските земји.

Ако нашите пријатели ни помогнат, можеме да зборуваме за коалиција за рехабилитација. Ќе биде многу важно ако нашите балкански пријатели можат да помогнат да се организира таква платформа со учество на различни земји“, рекол Зеленски, според соопштението на интернет страницата на претседателот на Украина по средбата со Пендаровски во Тирана.