Пристигна убава вест за Македонците во Германија: Ќе им следи големо олеснување
Германската влада постигнала согласност околу реформата на законот за државјанство, пишува „Зиддојче цајтунг“. Добивањето германски пасош треба да оди побрзо, а отстапки има и во делот на двојното државјанство.
Добивањето германско државјанство треба значително да се поедностави, а со тоа и да се забрза интеграцијата на мигрантите во Германија, пишува весникот „Зиддојче цајтунг“, повикувајќи се на текстот на предлог законот од Министерството за внатрешни работи и министерката Ненси Фезер.
Од новите правила би требало да профитираат и побрзо до германски пасош да стигнат пред сѐ доселениците кои повеќе години живеат во Германија.
Според она што го предвидува реформата на законот за доселување, лицата со миграциско потекло, наместо како досега по осум години, ќе можат да станат германски државјани по само пет години престој во државата.
Во случај на „особени достигнувања за интеграција“, како што се добро познавање на јазикот, волонтерски ангажман или многу добри резултати при работењето, добивањето државјанство би требало да биде можно по три години, пренесува „Зиддојче цајтунг“.
Децата од странски родители кои се родени во Германија, исто така треба да можат побрзо да станат Германци. Услов: едниот родител мора да живее легално во Германија пет години. Досега ова важи по осум години. Според извештајот на весникот, Фезер сака да го отстрани условот за сертификати за познавање јазик за лицата кои се постари од 67 години. Наместо тоа, во иднина би требало да е доволна само усна проверка на познавање на јазикот.
Една од важните промени е што лицата кои сакаат германски пасош веќе нема да мора да се откажуваат од претходното државјанство. Ова правило и онака веќе не одговара на практиката, се вели во документот. Со години голем дел од германските пасоши им се даваат на странци кои имаат и друго државјанство, пренесува дојче веле на македонски јазик.