(ФОТО) Повреден пожарникар при интервенија на штала во Свети Николе – отишле во неповрат и пет свињи

Повреден е пожарникар од Територијалната Противпожарна единица во Свети Николе, информира портпаролот на СВР-Штип, Гордана Панајотова преку писмено соопштение.

Во него се вели дека пожарникарот е повреден вчера при интервенција на пожар во селото Ерџелија. Настанот во полициската станица Свети Николе бил пријавен вчера околу 11.45 часот.

„При гаснење на пожар во штала во село Ерџелија, светиниколско, со повреди се здобил 49 годишен пожарникар од Територијалната противпожарна единица Свети Николе. За случајот бил запознаен јавен обвинител, а увид на местото извршила увидна екипа на ОВР Свети Николе“, се вели во писменото соопштение на СВР-Штип.

Изминатите денови пожарникарите имаат голем број на интервенции на стрништа, сува трева и нискостеблеста шума.

„Денес во 11:10 со 2 ПП возила интервенирано е на запален објект за чување добиток, а од силниот ветер зафатена е тревата околу објектот.
Спасено е јаре, но за жал таква среќа немаа 1 свиња и 4 прасиња. Настаната е материјална штета.“ објавија од ТППЕ Свети Николе.