Цените на авио билетите од летово поскапуваат и до 10 отсто

Патниците летово ќе плаќаат повисоки цени за авио билетите поради ограничениот капацитет, предупреди директорот на ирската нискобуџетна авиокомпанија Рајанер, посочувајќи го доцнењето на нарачаните авиони Боинг.

Поради ограничениот број на достапни авиони, европските авиокомпании ќе имаат проблеми да ја задоволат побарувачката за патување во екот на сезоната, изјави извршниот директор на Рајанер, Мајкл О’Лири.

Цените на билетите летово ќе бидат и до 10 отсто поскапи отколку пред една година, додаде О’Лири, предвидувајќи дека бројот на патници ќе се зголеми помалку од минатата година поради доцнењето на новиот авион на Боинг. Рајанер процени дека ќе превезе 205 милиони патници во деловната година што завршува во март 2025 година, во споредба со 183,5 милиони предвидени во деловната 2023/2024 година.

На прес-конференција во Даблин, О’Лири рече дека би можеле да ја намалат проценката за 2024/2025 година.

„Со помалку авиони, можеби ќе треба да намалиме (проценка од) 205 милиони на 200 милиони патници. Тоа би можело да биде помалку од 200 милиони, но во оваа фаза се уште не знаеме“, изјави шефот на Рајанер.