Алесандра од делчевско: Децата ми бараат храна, а јас им велам – Немам, душава ли да ви ја дадам
Александра е млада мајка на две малолетни деца. За жал, и жена болна од шизофренија и епилепсија. Додека разговарате со неа имате чувство дека нема многу да дознаете за нејзиниот живот, но доволен е погледот и солзите во нив, за да разберете дека не и е сеедно за ситуацијата во која се наоѓа со децата. Лежела во психијатриски установи и по шест месеци. Не е способна сама да се грижи за најмилите. Не е ниту работоспособна.
И, иако има сопруг кој работи не може да се потре на него. Зашто во одредени моменти и тој е лабилна личност –ќе кажат оние кои го познаваат, а велат дека го виделе и во алкохолизирана состојба поради немоќта да го смени животниот тек. Поради тоа, најмногу патат дечињата Кате и Никола, кои се препаметни, и свесни дека живеат во екстремно лоша куќа која може во секој момент да ги затрупа. Куќата е во лоша состојба. Тие немаат детски соби, а посакуваат. Сакаат услови како и секое дете. Немаат ниту храна со денови. Единствено за да преживеат им помагаат бабата, мајката на Александра и неколку роднини и пријатели.
Александра уште од мала започнува да има здравствени проблеми, кој се продлабочуваат последните години кога од Трботевише се мажи и сели во село Стамер, Делчево. Порано кога била поздрава работела, а денес е принудена да гладува со децата, зашто сопругот последните месеци е врработен и зема 200 евра приход, но како што кажуваат нивните роднини пријатели и тој има психички проблеми и не се грижи домаќински за куќата и семејството. Затоа принудени на голгота се и Никола и Катерина, децата на Александра, кои да не се бабата и неколку роднини од страната на Александра веројатно до сега би умреле од глад.
-Болна сум од мала. Добив епилепсија и имав напади. Сепак пред неколку години се омажив и родив две деца. Ама животот ни е многу тешок. Тие имаат десет и дванаесет години, и постојано се гладни зашто немам што да им дадам да јадат. Ми викаат мамо дај ни да јадеме, а јас им велам: „Немам, душава ли да ви ја дадам деца, Душава ли! –започнува да плаче Александра, раскажувајќи го тешкиот живот.
-Тажна сум дека семејството ми е лошо и куќата ни е во лоша состојба. Некогаш јадеме, некогаш не. Одам кај една тетка нешто ќе и помогам за да ми даде да ручам и да се напијам сок. Немаме ни мебел, столици, врати. Тато некогаш кога ќе се налути, се крши. А, сакам да имаме убава куќа, убави соби. Сакам и купатило зашто се бањаме во ходникот- вели Катерина ќерката на Александра.
Куќата на ова семејство е во очајна состојба. Мебелот е искршен поради негрижата за истиот од страна на таткото на децата ќе кажат блиските. Со децении не се избелени ниту ѕидовите. Немаат каде да седнат да ручаат. Таваните пропуштаат вода кога врне. А, поради неможноста да направат бања и купатило, тие топлат вода во тенџериња за да можат да излезат и да се помешаат со останатиоот народ. Затоа едногласна желба на Александра и децата ќе биде, обновување на куќата и храна за да не им се влоши и онака веќе лошата здравствена состојба.
-Ве молам помогнете ми за да ја поправиме куќата. Сами не можеме. Кај гладни, па и ќе се разболат моите деца. Мајка ми да не ми помага и некој роднина, и ќе трпиме за леб-додава оваа мајка.
-На ова семејство навистина треба да му се помогне. Барем за децата треба да се направи една две соби. Греота се. Гладни се. Ако не сме ние, баба им, вујко им и вујната, нема да преживеат. Верувајте има недомаќинско однесување од страна на нивниот татко, и тие страдаат заедно со нивната мајка.
Јас дури кога Александра лежеше во болница, еден месец ги чував кај мене дома. Но, тоа не е решение. Затоа, велам стојам на располагање за да помогнам што е во моја можност. Но, сам не можам. Ми треба хуманоста од народот-ќе каже Благојче Ѓорѓиевски, братучед на Александра и човекот кој ја пријави бедата на ова семејство во Срце на дланка.
Се вели дека најдобрата терапија за многу животни проблеми е да се оттргнеме од оние кои ни ги создаваат.Зашто кога една скршена личност ќе одлучи да тргне од почеток, нема ништо посилно од неа. Тоа е сила која е во состојба и да го промени светот. И, кога и се чини дека се се распаѓа тоа е најдобар знак дека се се сложува од почеток.
Доколку сакате да помогнете на ова семејство тоа можете да го направите на телефонскиот број 075639208 и на трансакциската сметка на вујната на децата Марија Јангеловска 200004147824558.