Томе од паланечко: Со мајка ми сме болни, а јадеме ако некој ни донесе, барем да имам социјална помош некој денар и струја

Томе Димитриевски најдобро го разбира зборот тежина. Така му започнал животот, така му течел, така и денес на 54 години откако го изгубил и татка си и братот, живее сам со болната мајка на врвот од селото Герман без струја и без елементарни услови за живот. Изучил само до петто одделение поради далечината на училиштето до кое пешачел повеќе од еден час. Подоцна работел за да преживее се додека еден ден не се повредил и денес не е способен за работа. Не зема ниту социјална помош.

Живее со минималната пензија од својата мајка. Најголема радост им била внуката од помалиот брат која живеела во нивната куќа и која по смртта на нејзиниот татко била однесена од тој дом. Освен по загубениот син и баба Калина, мајката на Томе жали по малата Ивана која била светлост во единствената куќа на планината. Живеат во една соба. Протекува од сите страни. Храна јадат само ако им донесе внукот Далибор кој доаѓа двапати во неделата. Ако и тој не дојде принудени се да трпат. Томе и баба Калина немаат желба за живот и можеби најмногу посакуваат да завршат со животот – ќе речат двајцата. Но, не е хумано едно семејство да се остави кога му е тешко па, затоа беа одлучни да си ја побараат среќата и да го стават срцето на дланка.

Томе целиот живот го минува во Герман. Сите спомени му се од тоа село. И, убави, и болни. А такви ги поминал многу повеќе. Пешачел и по неколку часа за да стигне до училиште и на работа. Животот го минал скромно и сиромашно. Работел како помлад се додека не се повредил. И, можеби тука му се запечатува среќата. Подоцна го губи таткото, па помладиот брат, а со тоа се губи и енергијата зашто снаата ќе рече Томе ја однела со себе нивната најголема радост и причина за среќа.

-Роден сум и зраснат во Герман. Сиромашно живеев сиот живот. Одев на училиште до петто одделение и пешачев по еден час во еден правец. Автобус нема до тука. Само со голем автомобил се стигнува до мојата куќа. Ние сме и единствени жители во овој дел од селото. Уште одамна го изгубив татко ми и останав со брат ми и мајка ми. Брат ми се ожени и доби ќерка, но набрзо почина и снаата со детето заминаа. Барем внуката да ја гледавме со мајка ми ќе бевме посреќни-вели Томе.

Во моментов Томе ги живее најтешките денови. Мајка му е болна и беспомошна. Тој е со повеќе дијагноза и тешко се движи од повреда на кичмата. Зависат од грижата на сестра ми и внукот кој двапати неделно им носи храна. До куќата не се стигнува лесно, а и животот во неа е тежок и без струја. Тие со часови седат и молчат гледајќи во старите ѕидови кои ги кријата нивните спомени и неостварени желби. А, единствена желба денес на Томе му е само да има подобри услови за живот, минимална социјална помош и електрична енергија за полесно да функционира.

-Последниве години ми е најтешко. Јас се повредив паднав од камион растоварајќи дрва и едвај се движам. Не сум способен да работам. Останавме само со пензијата од мајка ми. Ни ја исклучија струјата и зависиме од хуманоста на моите сестри и внукот. Ако тие ни донесат храна, јадеме ако не трпиме. Барем да имам социјална помош некој денар и струја доволно ми е- додава Томе.

-Болна сум се ме боли, одам на доктор џабе. Изгубив син и многу ми е тешко. Тешко жиееме и со Томе. Тој лежи на едниот кревет, јас на другиот. Јадеме ако имам храна и многу тешко живееме. Дури не ми се ни живее-вели баба Калина за Срце на Дланка.

Кога гледате дека ви недостига сила не донесувајте веднаш конечни одлуки. Дајте си време себеси и на вашата душа да си дојде на себе. Не се разочарувајте кога имате премногу изгубени битки. Такви порази имале дури и најголемите борци. И, плачеле кога никој не ги гледал. И, токму кога мислеле дека нема да излезат од темниот тунел се појавува нашиот ангел чувар и не спасува од повалијата. И, тогаш сме подготвени за ендо ново поглавје во нажиот животен роман. Ново, чисто многу посреќно од претходното.

Доколку сакате да му помогнете на Томе и баба Калина тоа можете да го направите на телефонскиот број 071475497 или на оваа жиро сметка 210501743433235