Мирослав од Куманово кој организира автобуси за собирот во Белград: Вучиќ утре да се кандидира во Македонија ќе победи на изборите
Македонски граѓани во петок ќе отпатуваат во Србија да му дадат поддршка на српскиот претседател Александар Вучиќ. Луѓето кои го организираат превозот тврдат дека тоа го прават без поддршка од партии и влади.
Најмалку 300 граѓани од Тетово, Неготино, Куманово и Скопје се подготвуваат в петок рано наутро да заминат со вкупно 6 автобуси во Белград откако се одѕваа на повикот на српскиот претседател Александар Вучиќ, велат за РСЕ организаторите на бесплатниот превоз од Македонија.
Во Србија на 26 мај ќе се одржи собир за поддршка на политиката на Вучиќ. Српскиот претседател организира ваков собир откако во изминатиов месец се одржуваат протестите против насилство во земјата по двете масовни убиства со повици за оставка за Вучиќ и министерот за внатрешни работи.
Бесплатен автобуски превоз до Белград организира советникот во општината Куманово, Мирослав Тричковиќ, кој тврди дека сам ќе го плати превозот, не откривајќи колку пари од џеб планира да одвои за еден до два автобуса.
„Јас и мои пријатели изнајмивме автобус и ќе одиме во Белград, нема што да се криеме, ништо тајно. Да имав било каква било поддршка од СНС или од српската влада, или од кој било од Србија, од Македонија не два, туку ќе појдоа двесте автобуси.
Ако ги погледнете анкетите претседателот Вучиќ утре да се кандидира во Македонија ќе победи на изборите, така што, толкава е неговата популарност“ вели Тричковиќ за Радио слободна европа.