Професорот Трајковски открива: Еве зошто ЕВН кај нас ја поскапува струјата, а во светот поефтинува
Професорот Дејан Трајковски како и многупати досега, така и сега излезе со поопширна анализа на својот фејсбук профил каде што напиша:
На многумина не им е јасно како е можно цената на електричната енергија кај нас да расте, иако на светските пазари таа постојано опаѓа.
Постепено ќе дојдеме до објаснувањето, но да тргнеме од почеток. Во идеални услови, кога 100% од домашната потрошувачка би била само од домашни извори (од ЕСМ, поранешен ЕЛЕМ), по постојана и однапред договорена цена (моментално изнесува 56 EUR/MWh, а претходно беше 48 EUR/MWh), како и при непроменлива мрежарина и ДДВ, цената навистина не би се менувала.
За жал, за време на енергетската криза пред 1-2 години, кога имавме големи проблеми со слабиот ископ на јаглен и дефектите во РЕК Битола, бевме принудени да увезуваме големи количества скапа електрична енергија. Тогаш цената што ја плаќаа домаќинста остана непроменета, бидејќи знаеме дека таа се менува само двапати годишно, на 1 јануари и 1 јули. За да имаме непречено снабдување со електрична енергија ЕВН мораше да увезува скапа електрична енергија (поголемиот дел за покривање на загубите на електрична енергија), додека ние плаќавме поевтина, гарантирана цена.
Со други зборови, тогаш ЕВН (веројатно и државата преку буџетот) го презеде ценовниот удар врз себе, но тоа не значи дека парите нема да си ги вратат. За скапиот увоз знаат и во РКЕ (Регулаторната комисија за енергетика), па затоа во следните полугодија ја формираа цената на повисоко ниво, со цел ЕВН да си ги врати парите што ги дала тогаш. Со други зборови, ЕВН (заедно со буџетот) одиграла улога на кредитор, односно „ценовен акумулатор“.
Речиси сигурно ќе им се признаваат и трошоците за камата, бидејќи, нели, „нема бесплатен ручек“. Без разлика дали ЕВН имала свои резерви или зела кредит, капиталот има своја цена што мора да се плати. Овие повисоки цени можат да потраат уште една-две години, поточно сé до моментот додека ЕВН не си ги врати претходно платените пари за увоз на скапа струја, што ја препродавале поевтино.
Така стојат работите кога немаме доволно сопствено производство и немаме државна компанија за знабдување. Вистинското прашање е зошто сме биле доведени во ситуација да останеме без домашно производство, зошто не се изградиле хидроцентрали и рудници на време. Ниту една власт не сака да одговори на ова прашање, бидејќи тогаш виновникот не би смеел да излезе од затвор до крајот на животот. Вака, помина зимата и сé се заборави, проблемите се само турнати под тепихот.
Последното зголемување на цената од 1 јули официјално се должи на зголемувањето на ДДВ, од 10% на 18%, наводно по налог на меѓународните финансиски инстиитуции. Но, од друга страна знаеме дека државата субвенционира околу 45% од сметките за електрична енергија.
Друга работа е што тие во сметките нé убедуваат дека субвенционирале 91%, но тоа не е точно, бидејќи субвенцијата мора да се пресметува во однос на бруто, а не нето цената. Но, хартијата трпи сé, па така можат да продолжат да нé прават недоветни, дека плаќаме само 9% од вистинската цена.
Од каде пак државата наоѓа пари за субвенционирање (субвенционирани се и оние 56 EUR/MWh)? Од буџетот, којшто пак во најголема мерка се полни од даноците, чија значителна компонента е токму ДДВ. На тој начин, со зголеменото ДДВ државата успева ефективно да го намали износот на субвенционираните пари, иако ќе ни кажат дека субвенцијата процентуално останува 91% и дека тие плаќаат. Субвенцијата останува, но самите сме ја платиле преку даноци, како и преку задолжување дома и во странство.
На крајот, мора да се каже најважното. Последните месеци малку е зголемено ископувањето на јаглен, а потрошувачката на електрична енергија сезонски е намалена, па навидум изгледа како работите да се вратиле во нормала. За жал, далеку сме од нормалност.
Моментално го гребеме дното од тенџерето, односно ги ископуваме последните резерви јаглен од подинските јагленови серии (ПЈС) во стариот рудник во Суводол. Има јаглен и од новиот рудник Брод-Гнеотино, иако со многу полош квалитет, т.е. со многу повеќе силикати (песок) во јагленот. Порано или подоцна овие резерви ќе бидат исцрпени, а гледаме и дека дефектите на блоковите зачестиле во последно време.
Сите наши проблеми со снабдувањето ќе беа многу помали доколку навреме бил отворен рудникот во Живојно со подземна експлоатација, а особено доколку на време биле изградени хидроелектраните „Чебрен“ и „Орлов Камен“. „Бошков Мост“ и „Галиште“ веќе никој не ги споменува, а камоли 12-те хидроцентрали од проектот „Вардарска долина“. Да не заборавиме дека по налог на нашите западни ментори моравме да се откажеме и од плановите за гасификација на РЕК Битола.
Изгледа дека властите сите надежи ги полагаат во соларните (фотонапонски) електрани, но тие не можат да ни го решат проблемот, бидејќи цената на складирање на електричната енергија за потрошувачка во вечерните часови (75-110 EUR/MWh, ја видовме пресметката тука претходно) е поголема од сегашната цена на производството на ЕСМ (56 EUR/MWh).
Фотонапонските електрани даваат најмногу енергија околу пладне, што би било добро за индустријата, но ние не сме Германија па да имаме најголема потрошувачка на пладне (немаме развиена индустрија), туку најголемата потрошувачка ни е наутро и навечер, кога фотонапонските централи не генерираат енергија.
Да заклучиме. Хидроцентралите, па и новиот рудник за јаглен „Живојно“ требаше да бидат изградени уште пред неколку години, знаејќи дека РЕК Битола е при крајот на работниот век, ама како што стојат работите нема да бидат изградени ни за 10 години. Парите (најмалку 1,6 милијарди денешни евра) ќе ги дадат за непотребни автопатишта, што имаат време на поврат на инвестицијата од 60 до 90 години (ја видовме пресметката тука претходно), наместо да ги инвестираа во „Чебрен“ (500 милиони евра), па дури и во многу поскапата „Вардарска долина“ (1,5 милијарди евра), каде времето за враќање на инвестицијата е многу пократко, а што е уште поважно ќе добиевме објекти на стратешката инфраструктура и ќе го решевме проблемот со енергетска глад.
Вака како што одат работите гледаме само дека секоја политичка гарнитура на власт не гледа подалеку од наредните избори, т.е. колку само да го истурка некако мандатот и да потроши пари на несуштински работи, а на долг рок ништо не се решава. Затоа да не се чудиме кога по неколку години ќе се најдеме во таков енергетски ќорсокак, што ќе се чудиме што нé снашло, што сме правеле сите овие години и зошто не сме ги изградиле животно потребните хидроцентрали. Исто како во приказната за мравката и штурецот.