Спасувачите извлекоа новороденче од урнатините во Мароко: Во тек е трка за спасување животи
Бројот на жртвите од земјотресот во Мароко се зголемува од час во час, а спасувачите се тркаат со времето за да спасат што повеќе животи. На социјалните мрежи се појави видео од неверојатното спасување на новороденче од урнатините на зграда. Бебето за чудо е извлечено живо и здраво.
Како што јави државната телевизија, бројот на загинатите во разорниот земјотрес што го погоди Мароко достигна 1.037.
Пред тоа беше објавено дека бројот на загинати е 820, а повредени се најмалку 672 лица. Најголеми штети и жртви има во тешко достапните планински области, а повредените се пренесени во болниците на лекување, пренесе АП.
Џонатан Стјуарт, американски професор по градежен и еколошки инженеринг на Универзитетот во Калифорнија, Лос Анџелес, изјави за Си-Ен-Ен дека очекува уште посилни последователни потреси, со оглед на интензитетот на земјотресот од 6,8 степени според Рихтеровата скала што го погоди Мароко и се почувствува подалеку од Португалија и Алжир.
Друга можност според неговото мислење, иако многу мала, е дека земјотресот во петокот вечерта е увертира за уште посилен земјотрес, наведува Си-Ен-Ен.
Поради својата позиција на контактната линија меѓу медитеранските, европските и африканските плочи, Мароко е особено изложен на сеизмичка активност. Два особено силни земјотреси ја одбележаа историјата на Мароко.