Професорот Трајковски по фрапантниот податок: Македонија станува опасно место за живеење
Поминаа неколку дена откако, како најнормална информација, беше објавено дека во Македонија минатата година дипломирале медицина дури 879 студенти, а од тој број безмалку 600 во Тетово и Штип. Никаква реакција, никаков врисок на јавноста, на лекарската комора или на поединци, а камоли влегување на јавното обвинителство во придружба на полицијата на факултетите и нивно запечатување се додека не се расчисти оваа образовна измама на векот.
За момент да ги видиме бројките и да видиме што е колку-толку нормално, а што е безумие или криминал. Само до пред 6 години на Медицински факултег во Скопје се запишувале 280 студенти, сите одлични од првиот до последниот. Последниот, 280-иот запишан имал персентилен ранг 92, што значи дека бил подобар од 92% од сите државни матуранти на ниво на цела држава. Инаку ваков персентилен ранг се постигнува доколку ученикот ги има петки во сите четири години во средно училиште, со најмногу три четворки на државната матура.
Резултат вреден за восхит, недостижен за сите останати факултети, освен донекаде за Економскиот факултет во Скопје, којшто им беше најблискиот конкурент според успехот на запишаните бруцоши. Извесен број одлични имаше и на информатика, но далеку од споменатите два факултети.
Техничките факултети претставуваа големо разочарување, каде понекаде и највисоко рангираниот кандидат беше послаб од последниот на медицина. Ако некој мисли дека со такви предзнаења се станува инженер, многу се лаже. Затоа индустријата ќе ни биде во нокдаун, но тоа е тема за сосема друга анализа.
Да се вратиме на Медицински факултет во Скопје, истата таа година (2017) дипломирале се на се околу 110 студенти, да претпоставиме од 280 запишани во 2010/11 година, односно исто колку во 2017 година.
Ранг листата на запишаните ни кажува дека првите 110 (колку што дипломирале) од 280 запишани имале персентилен ранг од најмалку 96, што значи дека приближно сите со персентилен ранг понизок од 96 пропаднале во текот на студиите, иако сите запишани биле одлични со сите петки во средно и со најмногу две четворки на државна матура. Ова нека ни послужи како ориентир за нормалност (иако високото образование е во слободен пад од 2009 година) и нека ни покаже каков кандидат може и смее да дипломира медицина, но и друг факултет, доколку сериозно се работи.
Доаѓаме до 2022 година, кога во државата дипломирале 879 (!) студенти по медицина, а од овој број 333 „дипломирале“ на тетовскиот државен универзитет, 298 во Скопје на УКИМ и 248 во Штип, на УГД. Имало најмногу дипломирани во однос на останатите факултети, па слободно може да се каже дека лекарите се нашите нови правници, коишто ќе го преплават бирото за вработување и ќе ја урнат платата на лекар на помалку од 30.000 денари.
Нас, потенцијалните пациенти нека не не загрижува нивната плата, но што е со квалитетот? Дали некој сериозно верува дека од Тетово излегле повеќе доктори отколку во Скопје и дека биле достојни за звањето доктор? Веќе видовме дека најдобрите матуранти се запишале на скопскиот медицински факултет, а на сите останати – само она што преостанало.
Јасно е каков ќе биде нивниот квалитет. Дипломираните од скопскиот факултет најверојатно ќе заминат во странство, а нам ќе ни останат да не лекуваат хиперпродуцираните од Тетово и Штип. Ова е веќе загрижувачка, па и опасна ситуација, особено што многумина од нив и ќе специјализираат, не дај Боже исто така во Тетово и Штип, а гледаме како се завршуваат и основните студии. Патем да кажеме, дури и на скопскиот медицински факултет работите започнале да забегуваат, па наместо по 110 започнале да дипломираат по 300 кандидати.
Ако матичниот доктор можеме да го бираме, не можеме да го бираме специјалистот – просто не му пишува на челото каде и како дипломитрал и специјализирал. Државата, којашто ја дозволи оваа измама, би требало да им наложи на влезот од секоја специјалистичка ординација на видно место, со големи црвени букви да стои името на факултетот, генерацијата на дипломирањето, како и предупередување дека државата не стои зад квалитетот на докторот и дека влегуваме на сопствен ризик.
Навистина, кој ќе не заштити од овие дипломираните во 2022 година? Иако меѓу нив секако има и квалитетни кандидати, тие се измешани со оние што нормално би пропаднале уште во прва година. Македонија станува опасно место за живеење.
Мислев дека во Битола сме колку-толку заштитени, иако кадрите од Тетово и Штип порано или подоцна ќе се прелеат и кај нас. Но, најстрашното од се ќе биде ако останат во својата намера да отворат медицински факултет и во Битола, со дисперзирана паралелка во Ресен (?!), за што веќе наголемо се прават планови на универзитетот. Зошто популизмот е толку примамлив, па упорно се туркаат докажано штетни работи?
Што треба уште да ни се случи за да сфатат дека вака не може и не смее понатаму? Кога лекарската комора, па и министерството за образование ќе се разбудат и ќе ја притиснат сопирачката, макар и со големо задоцнување?
За жал, наместо тоа ќе продолжат да не замајуваат дека „се било согласно законот“ и дека ова се само фантазии на поединци коишто немаат попаметна работа, туку само критикуваат колку да им помине времето.