Цветанка од охридско: Со месеци гладувам, а со денови плачам – ми е страв да не ми се сруши куќата
Цветанка Попеска потекнува од Брежани. Во тешки услови живеела како млада, а во многу тешки и денес, мажена и преселена во сопствената куќа во Велгошти. Шест пати вели таа била во блажена состојба, но, поради нејзината тешка здравствена состојба раѓа само две здрави чеда.
Поради тешкиот и сиромашен живот девојчињата биле принудени да се омажат многу млади. Едната на 14, а другата на 16 години. Тие имале и полошо детство отколку тешкиот живот на нивната мајка.
Веќе многу години куќата и се распаѓа и се заканува дека некој ден ќе ја поклопи. Таа живее со минимален приход, па, ако сопругот не го викнат приватно за да поработи и да земе некој денар остануваат и гладни.
Затоа, оваа болна жена леб јаде само доколку и дадат од црква. Оди и таа се труди, работи, копа, сади зеленчук кај соседите за да заработи некој скромен денар. Во спротивно еден ден јаде, еден ден ја сонува храната. Проблемите направиле таа од ден на ден се повеќе да се разболува. Па за да преживее некогаш место храна принудена е парите да ги даде и за лекови. За себе Цветанка ќе рече дека постојано плаче, од утро до мрак. Но, сепак верува дека некој ќе и помогне и еден ден ќе се разбуди во нови ѕидови каде би започнала еден поубав и посреќен живот.
Цветанка како мала живеела во Охрид со родителите. Кога би направила спордба и покрај проблемите поради болеста на мајка и сепак тоа време било посреќно за неа. Татко и кој некогаш работел во Германија и купил куќа во Велгошти, Охридско во која започнува живот со сопругот и каде раѓа две ќерки.
За жал, сиромаштијата ќе го обележи нејзиниот живот и таа долги години преживува со едвај 6000 денари, заглавена е во долгови, куќата се заканува дека секој ден ќе се распадне поради влагата и мувлата, а, храна оваа жена јаде само доколку и дадат донација од црква.
-Многу тешко живеам. Понекогаш и не знам дали ќе се разбудам. Со месеци гладувам. Живеам со 6000 денари, од кои повеќето ги трошам за лекови. Не останува за леб, а камо ли нешто да правам во куќава. Од кога е купена ништо не е реновирано. Се плашам дека еден ден ќе се најдам под неа- вели Цветанка за емисијата „Срцен на дланка“
Цветанка е болна со години. Прво што ќе забележите кога ќе влезете во нејзиниот дом е кесето полно со лекови. За жал, често нема пари да си ги купи, поради минималните 6300 денари социјална помош, па плаче со денови врз нејзината тешка судбина и уште потежок живот.
-Болна сум од нервите. Имам и други болести. Често со денови плачам, што поради гладта, што поради тежината што ја чувствувам. Сакам само една соба и едно купатило, тоа ми е доволно за да го минам животот посреќно- завршува Цветанка.
Доколку сакате да помогнете на ова семејство тоа може да го направите на жиро сметката на Цветанка Попеска 210501743100913 или на телефонскиот број на Цветанка 077812939.