Благоја од тетовско: Со денови седам со суво лепче и сол, ама не се жалам само сакам да добијам струја
Благоја Танески родум од Здуње далечната 1976 година со родителите купува плац во тетовско Радиовце и со макотрпна ѕидарска и молерска работа успева да направи неколку скромни соби и да ги пресели родителите и браќата во новиот дом. Тој работел и понатаму и ги чувал до крај. Тоа е причината и поради која не се оженил кога имал прилики за тоа. Неговите нозе поминале многу земји на Балканот и Европа. Отишле дури до Ирак и Израел. И, постојано парите ги делел со најблиските. Од пред осум години кога веќе и родителите го напуштиле овој свет, тој останал без работа и животот почнал на му се лизга удоле. На безработицата се накалемила и беспарица, па тој најбрзо не можејќи да ги плати сметките останува без струја.
Во мрак живее и денес. Само на сеќа и соларна батерија може да го види остатокот од распаднатата куќа која некогаш била негова гордост. Некогаш овој човек месецот морал да го мине само со 1100 денари помош, а денес иако таа сума е 5800 ден сепак премалку е, и причина добар период од месецот да трпи за храна. Се плашам нешто да ме заболи, зашто немам ни 100 денари во џебот а, не да отидам на доктор. Сепак верува во хуманиот народ дека ќе види повторно светлина во домот. А, се надева и дека ќе добие градежни материјали со кои сам би си ја поправил куќата, исто како што пред повеќе од 40 години сам ја изгради и направи гнездо за себе и родителите.
Благоја потекнува од Здуње. Успева преку добиен плац од државата во Радиовце набрзо да стави темели, а подоцна и сам да ја изгради целата куќа. Зашто тоа било единствен начин да не му биде одземен плацот. Откако ја изградил, ги повикал родителите и браќата. Се грижел за сите како најстар брат. Патува и работи низ целиот свет. Од Скопје до Белград, Црна Гора, па до Ирак и Израел. Се било полесно за него додека биле живи родителите. А, најтешкиот период му започнува пред 8 години. Кога ја губи мајка си, останува без работа, а со тоа и до денес секој ден живее без струја.
-Роден сум и израснат во Здуње, Македонски брод. Со родители и најстар брат од 11 деца колку што родила мајка ми. Половина и умреле од лоши услови и болести, а ние што останавме некако успеавме да пораснеме со чување стока и земјоделие. Подоцна добивме плац во Радиовце и требаше за краток период да удриме темели или ќе ни беше одземено местото. Работев од многу млад само за да псотигнам нешто. Нема камен на Балконов и Европа, па и светот каде мојава нога не стапнала. Успеав со труд да изѕидам неколку соби и да ги повлечам родителите и браќата во Радиовце. Сиот живот им помагав и ги чував. Моите родители ми умреа на раце, а последниве години откако останав без работа тотално се запустев. Некогаш живеев со 1000 денари месечно, а денес сам со 4000 денари. Не успеав ниту да се оженам за во старост да имам со некој да разменам збор, а не вака осамен да живеам-вели Благоја.
Тешко е за Благоја да ја гледа куќата во ваква состојба, а знае дека секоја цигла на своето место е благодарение на него. Сепак низ годините таа попуштила, со децении не е избелена иако тој е молер, нема пари за да купи поликолор. Свеќите и соларните батерии му се единствен извор на светлина, иако стемнето му е веќе многу одамна и изгубил волја за се. Тешко му е и што живее со едвај 5800 денари кои му се доволни само за леб во месецот. За се останато мора да се снајде, приватно да поработи ако го викнат или да се задолжи па да врати кога ќе дојде при пари. Но, има една нишка позитиност во овој човек кој и покрај сета тежина што ја чувствува верува дека ќе му биде помогнато и ќе ја види својата куќа „гордо исправена„ како некогаш.
-Многу ми е тешко што ја гледам куќата ваква. Јас сум мајстор, молер, ама немам ниту а канта поликолор. Не платив неколку сметки и последниве години живеам и во мрак. Само со една соларна батерија ги минувам долгите ноќи. Сакам да ја поправам куќата и можам и сам исто како некогаш кога ја градев само да има некој да ми помогне со материјали. СУм седел со денови и со суво лепче и сол, ама не се жалам само сакам да добијам струја и да ја поправам куќата да биде како некогаш-вели Благоја за Срце на дланка.
Големите луѓе не ги потценуваат другите. Напротив тие ги поткреваат и им даваат крилја. Тешките моменти секогаш не доведуваат до очај, но и најмногу знаат да ни ги отворат очите. Знаат и да не подучат дека мора да го живееме својот живот како најдобро знаеме и умееме.
Доколку сакате да му помогнете на Благоја тоа можете да го направите на неговиот личен телефонски број 070653598 или на неговата трансакциска сметка 210501745569563