И вработени од јавниот сектор во Македонија заминуваат на сезонска работа во Хрватска: Мора да заработам пари за свадба на ќерката
Лани во Хрватска биле издадени 124.000 дозволи за престој и работа на работници од странство, што било за 42.166 повеќе од бројот на дозволи издадени во 2021 година. Најголемиот број дозволи во 2022 година биле издадени за работа во градежништвото – 53.772, во туризмот и угостителството – 32.306, во индустријата – 16.932, во секторот транспорт и врски – 7.336 и во земјоделство и рибарство – 2.957.
Како сезонски работници во Хрватска доминираат граѓаните на БиХ. Во 2022 година ним им бил издаден најголемиот број работни дозволи (36.783), следат 19.176 дозволи за работници од Србија, 12.222 за работници од Непал и на четврто место се работниците од Северна Македонија, за кои биле издадени 10.053 дозволи за работа и престој. Следат работниците од Косово (8.979), Индија (7.690), Филипини (5.935), Бангладеш (4.381) и Албанија (4.257).
Споредбено може да се заклучи дека ланската бројката на издадени дозволи за работа на македонски работници (10.053) речиси двојно се зголемила во однос на 2021 година кога изнесувала 5.925.
Но, секогаш не станува збор за лица кои поради невработеност заминуваат на сезонска работа.
„Има и вработени во јавен сектор кои земаат неплатен одмор за да работат сезонски во странство“, објаснуваат посредувачите.
Ова и не е толку изненадувачки, ако се има предвид дека минатата година СДСМ обелодени случај кога управител на една работна единица во Јавно комунално претпријатие зел неплатен одмор и заминал да работи како келнер во Хрватска, поради што вработените во таа единица три месеци останале без плата.
Мотивацијата на оние кои овде земаат неплатен одмор за да работат во странство била различна.
„Еден клиент рече дека тоа му е единствен начин да заработи средства за да направи свадба за ќерката. Најчесто, мотивите се ‘две во едно’: комбинација од потребата да заработат и да тргнат некој денар настрана, што не им успевало со овдешните плати, и воедно да се релаксираат со престој во приморски амбиент“, објаснуваат посредувачите за Дојче веле на македонски јазик.