СДСМ и ВМРО ДПМНЕ обединиети го кренаа гласот: Едногласно го осудија овој потег
Вработувања во здравството по партиски клуч или по заслуги? Трудовите инспектори влегоа во болницата во Гостивар…. Ќе се проверува како се спроведувал огласот за вработувања на лекари и друг медицински персонал. Од инспекторатот велат дека ќе извршат вонреден надзор, по што утре ќе споделат информации со јавноста.
Во меѓувреме порталот „Порталикс“објави снимка на која се тврди дека се слуша гласот на директорот на болницата во Гостивар, Илбер Адеми како на кандидат за вработување му вели дека на огласот имало еден куп кандидати, дека било пекол, но дека на крај не одлучува тој, туку партијата.
Адеми во разговор со ТВ 24 негира дека имал партиски притисоци и вели дека тој постапувал во согласност со можностите што му ги дава законот.
„Јас законски постапив. Немав никакви партиски притисоци туку како директор на ЈЗУ постапив законски и конечната одлука е на директорот. Сум постапил согласно моите надлежности“, вели Илбер Адеми, директор на ЈЗУ ОБ – Гостивар.
За огласот за вработувањата во болницата во Гостивар реагираа и општинските организации на ВМРО-ДПМНЕ и на СДСМ кои пак сметаат дека е прекршена правичната застапеност на граѓаните.
„Недозволиво е никаде, а особено не во град каков што е Гостивар кој што е синоним за мултиетничност и соживот, да се случуваат и дозволуваат вакви груби облици на дискриминација и да се вработуваат кадри од само една етничка заедница“, вели Игор Велјаноски од СДСМ.
„Во текот на вчерашниот ден бевме сведоци на уште една сцена од серијалот “Едно општество за сите – концепт со кој СДС требаше да обезбеди демократски вредности и еднакви можности за сите” но СДС во улога на потчинет чирак на ДУИ по којзнае кој пат дозволи да се случи грубо кршење на начелото за соодветна и правична застапеност на граѓаните кои припаѓаат на сите заедници при вработувањето во ЈЗУ Општа болница “Др. Ферид Мурад” – Гостивар“, е ставот на ВМРО ДПМНЕ.