Баже од Радовиш: Кажете како со пензија од 13000 да платиш 8000 денари за скршен колк и со остатокот да преживееш
Пензионерка од Радовиш ја повредила ногата, скршила колк па помош побарала во штипската клиничка болница. По промената на колкот жената требало да плати околу 8 илјади денари, оти пензијата од која живее таа и нејзиниот сопруг е на име на сопругот. Ваквата ситуација го револтираше Баже Костадинов од Радовиш. Вели жената нема примања, а со минималната пензија која легнува на сметка на сопругот тешко дека може да се платат болничките услуги.
„Сабајле дојдев од Радовиш, едни пензионери имаа во болницата – менија колк на жената и ми кажаа треба да донесам од пензиското кое е примањето на пензионерите. Нивната пензија е 13.600 денари. Арно ама пензијата се воде на име на мажот, жената која е оперирана не зема никакви примања. И ми велат се е океј важи ова ама само за мажот, за жената не важи“ – вели Костадинов.
Ако од 13 илјади денари се издвојат осум за колк, како двајца пензионери со пет илјади денари ќе го поминат остатокот од месецот прашува Костадинов. Како пензионерите кои немаат примања да живеат во нашата држава и да се лекуваат согласно здравствениот систем.
„Они земаат 13.600 денари пензија, како со таа пензија да го платат колкот и како ќе останат пари. Или треба пензионерите државата да ги отпише. Ова е стварно срамота. Јас не ја обвинувам болницата, иритира ме овој систем што и народот нема никаква верба.“ – додава Костадинов.
Костадинов е дециден дека ваквиот начин на функционирање во државата треба да се промени за да може и пензионерите да живеат достоинствено. Во споротивно голем дел од граѓаните во третата доба нема да можат да ги платат болничките услуги.
Целата сторија со видео прилог може да ја проследите на Мнет ТВ.