Блашка од пробиштипско: Цената на млекото е како едно шише вода, останавме со само две крави
Еден литар млеко млекарите го откупуваат по цена од 20 денари а шише вода чини повеќе, токму поради ова Блашка од село Пишица и нејзиното семејство од десетина крави денеска останале на само две.
На пазарот цената на литар млеко е 60 денари, но како што вели покачена е и цената на храната, превозот и се останато.
– Ова е домашно млеко, од кравите јас што ги одгледувам во Пишица, цената се движи околу шеесет денари за литар, вели тетка Блашка.
– Произведувам само кравјо млеко, моментално имаме две крави, сами останавме со мојот сопруг и затоа останавме на две крави.
– Во изминатите години чувавме и по многу повеќе крави, но ги намаливме поради тоа што се крена цената на буквално се, вели таа пред камерите на ,,Телевизија М-нет”
– Нашето млеко од млекарата го земаат за 20 денари, што се вели едно шише вода е 20 денари и затоа нема доволно сметка да се чува.
– И мојата околина исто така ги продаде кравите или ги намалија на по една или две, се крена цената на се, но нашиот производ не.
Исплатливост нема ниту од млекото ниту од одгледувањето на ориз како што вели тетка Блашка, алармирајќи дека ситуацијата е повеќе од тешка.
Токму затоа младите граѓани се одлучуваат среќата да ја бараат надвор од границите на Македонија: Не се исплаќа но немаме друг избор.
– Јас немам пензија и морам со ова да се занимавам, сопругот зема само 9.000 денари пензија. Мора од нешто да живееме, сопругот исто така е со едно око.