Борко Ристовски: Имам тефтерче, си запишувам се – кога ќе дојде времето секој ќе си одговара
Македонската ракометна легенда Борко Ристовски стави крај на играчката кариера и во иднина ќе биде дел од раководните струкури на РК Вардар1961. Тој е новиот Извршен директор на клубот и беше промовиран на прес-конференцијата на клубот.
„Ова ќе биде еден поинаков чекор за мене, со големи одговорности, но подготен сум сето она што знам да го пренесам. Верувам дека ќе бидеме успешни повторно. Некоја наша цел за оваа сезона е да го стабилизираме клубот, како на финансиски, така и на играчки кадар“, рече Борко.
Откако е на новата функција на некој начин ги смири топките со непријателите. За тоа зборувапе пред камерите на Жешко столче.
„Не сум тип на човек којшто се повлекува, не сум се повлекол ни сега меѓутоа обврските коишто се огромни го направија своето. А и на крај на денот имам едно тефтерче, си запишувам се, кога ќе дојде моментот и времето секој ќе си одговара за стореното.
За штета и правење зло на македонскиот спорт, а во животот јавноста нека им суди за се она што го прават и што не го прават за македонскиот спорт. Во овој момент можам да кажам само „тивка вода брег рони“.
Има многу луѓе на кои Вардар не им одговара да биде успешен, да биде стабилен и откога сум јас на оваа одговорна позиција малку и се повлекоа поназад и тие напади за дестабилизација на Вардар престанаа затоа што го знаат мојот карактер“, објаснува Ристовски.