(ВИДЕО) Запалено казино во Велес – цела зграда евакуирана: МВР експресно го уапси подметнувачот

Чадот што пред 18 часот почнал да излегува од внатрешноста на казиното спроти црква „Свети Јован Крстител“ е причина за евакуирање на жителите на првата зграда во овој комплекс во Нова Населба во Велес, пренесува „Дума.мк“.

Повеќе од деведесет минути сите семејства, со голем број на деца, се пред зградата велат жители од спротивната страна на улица „Благој Ѓорев“.

Во казиното, кое се наоѓа во приземјето на зградата интервенирале пожарникари кои го гаснеле пожарот додека возило на ТППЕ Велес се уште е на лице место како и возила со екипи на Итна медицинска помош.

Полициски службеници од Сектор за внатрешни работи Велес, доцна попладнево, во 18: 00 часот го лишиле од слобода Д.М.(42) од село Бузалково, велешко, поради сомнение за предизвикување на пожарот во казино во Нова населба.

-Четириесет и две годишниот маж Д.М, од село Бузалково се сомничи дека со запалива течност предизвикал пожар во казино во Велес. Пожарот бил локализиран од страна на Територијална противпожарна единица Велес. Д.М. бил приведен во полициска станица, известен бил јавен обвинител и по целосно расчистување и документирање на случајот ќе следува соодветна пријава, соопшти Биљана Ѓаковска портпаролка на СВР Велес.