Голем број исфрлени риби на брегото на Дојранското езеро – познато што се случува и зошто е тоа така
Почитувани жители на Дојран, драги посетители на нашиот град, добронамерници и вљубеници во убавиот Дојран.
Чувствувам потреба, како Градоначалник да одговорам на невкусните и злонамерни невистини, кои овие денови се шират како лавина низ социјалните мрежи, а се однесуваат на рибите и нивото на водата во нашето езеро.
Токму пред почетокот на летната туристичка сезона, политичките опоненти во нивен стил, пробуваат да го оцрнат имиџот на Дојран, при тоа пласирајќи невистини и дезинформации, а се со цел добивање евтини политички поени и нанесување невидена штета на угостителите, туристичките работници, како и на сите жители од нашата општина и луѓе кои навистина го сакаат Дојран.
Она што е најфрапантно во целата ситуација е што овие дегутантни шпекулации доаѓаат од личност која потекнува токму од југоистокот.
И наместо истата да работи во интерес на регионот од каде што потекнува, да го промовира Дојран, да понуди соработка, идеи и проекти кои би донеле добро на сите луѓе од овој крај, некогашната пратеничка одбира да шири паника, револт и страв кај народот.
Овој пат тоа нема да го дозволиме!
Дојранското Езеро се наоѓа на задоволително ниво, односно котата изнесува 1 метар над нулта кота.Од друга страна, доколку таа навистина го познава и сака Дојран, ќе е информирана и ќе знае дека рибата во овој период од годината се мрести и таквиот приказ, (односно фотографиите кои таа ги приложила) не е невообичаена појава.
Тоа добро го знаат сите Дојранчани, а особено старите и искусни рибари.
Почитувани сограѓани, ве молам да не потпаѓате под влијание на евтината пропаганда пласирана за Дојран на дел од групите на социјалните мрежи, за кои замолувам и апелирам до админите на овие групи, пред да дозволат било какви шпекулации да бидат јавно објавени, истите претходно да бидат проверени.
Општина Дојран и јас како градоначалник како и секогаш сме отворени за сите дилеми и нејаснотии, за сите прашања кои се од интерес на граѓаните.
Дојран е отворен град за секој вљубеник во убава природа, топло гостопримство, вкусна храна и езерска шир, затоа секој оној кој искрено го сака и му мисли добро на градот со полно грло и исконска љубов ќе повика на посета на нашиот убав Дојран.
Повелете и уверете се на сите благодети кои ги нуди овој град.Искрено Ваш, Градоначалник на Општина Дојран Анго Ангов