Груевски: Тоа беше опасна манипулација – мафијшка манипулација.
Никола Груевски одново се огласи на својот фејсбук профил каде што имаше што да каже:
Гангстерска бизнис-политичка спрега во монополската трговија со лекови со државата Од она што следам во последните шест години во здравството се запрени најважните работи кои претходно се правеа, а буџетот горе-долу е истиот како и претходно.Но, каде одат парите? Најмногу во плаќање многу поскапи лекови одколку порано.
Попрецизно кажано парите одат како многу поголема заработка на неколку големи фармациски фирми во Македонија и нивните сопственици. Но, не во нови апарати и опрема за здравството, нови и реновирани болници, обука во странство на лекарите или реформски проекти и системски подобрувања во здравствениот систем. Туку во набавка на истите лекови кои и ние ги набавуваме во потребните количини, само многу поевтино.
Се сеќавате ли на т.н. “паралелен увоз на лекови”?
Она кога со закон дозволивме истите лекови произведени од некоја позната фармацевтска куќа од светот да не мора да се набават само од локалниот дистрибутер во Македонија, туку да можат да се набават речиси од било кое преставништво на истата фармацевтска фабрика во други земји.
Се сеќавате ли каква кампања имаше против тоа? Континуирана и без запирање! Колку здушно куп новинари, разно-разни “експерти” и “стручњаци” оддеднаш почнаа редовно да пишуваат дека тоа е многу опасно, дека можеби се увезуваат фалсификувани лекови, дека дел од тие лекови не давале добри резултати, замислете само затоа што се купени од дистрибутерот на истата фармацевтска фабрика во Франција, Турција или Германија наместо од дистрибутерот во Македонија на кој до тогаш, но за жал и денес му беше дадена класична монополска позиција.
Коментарите и критиките одеа и во правец дека пациентите се жалат, па се активираа и некакви здруженија на загрижени пациенти болни од некои болести, дури и некои лекари даваа изјави во ист правец, а куп медиуми имаа задача да набијат силен страв и сериозна загриженост кај пациентите и генерално кај народот. Тоа беше опасна манипулација. Мафијшка манипулација.
Не велам дека сите “загрозени” дистрибутери така постапиле, но дефинитивно дел од нив со силна подршка на тогашната опозиција, а денес власт, во гангстерски стил водеа перманентна кампања на влевање страв и несигурност кај народот со цел да им се вратат времињата и позициите на енормни заработки.А зошто? Што всушност им пречеше? Зошто се спротиставија?
Затоа што сме дозволиле државата да не мора да го купува тој лек исклучиво од преставникот на фабриката за некој лек во Македонија, чии газди се монополски локални олигарси кои повеќекратно поскапо го продаваат лекот одколку истите такви преставници на истата фабрика во друга земја затоа што државата нема можност истиот лек да го купи од било кој друг добавувач.
Мислите дека тоа “перманентно востание” зад кое според добиените информации беа ангажирани и добро платени маркетиншки куќи беше случајно?
Мислите дека тоа не беше финасирано од некој кој имаше финансиски интерес од тоа?
И мислите дека истите тие не се обиделе да пробијат со такви силни буџети за лобирање и во редовите на тогашната власт? И секако, по доаѓањето на СДСМ на власт во 2017 година одкако претходно по долгогодишна платена кампања беше создаден “теренот” многу брзо се укина законската можност да се набавуваат лекови од дистрибутери на некоја фабрика производител во друга земја, туку исклучиво и само од дистрибутерот на таа фабрика во Македонија. Тој дистрибутер има монопол. Само од него може државата да купи одреден лек и од никој друг на планетата кој со лиценца на производителот го продава истиот лек многу поевтино.
И нормално, цените на тие лекови кои најчесто ги набавува државата, од државниот буџет за осигурениците пациенти, повторно поскапеа значително со енормно високи маржи.
Ние немавме против тие дистрибутери да работат и да продаваат, но по конкурентни цени, а не од монополска позиција на единствен можен добавувач да стават цени колку што сакаат. Затоа решивме да создадеме конкуренција. Тоа ги вознемири, и истовремено го “вознемири” и тогашното раководството на опозицијата. Што е главната разлика во здравството од тогаш и денес?
Тие пари што тогаш ги заштедувавме од полнењето на банкарските конта на 6-7 или не повеќе од 10 домашни фармациски олигарси, а индиректно и на некои луѓе во политиката, преку заштедите со создадената конкуренција, беа пренасочени во капитални инвестиции во здравството, во набавка на нови апарати и опрема за здравството, во градба или реконструкција на нови болници и клиники, во стручни обуки и доусовршувања на лекарите во странство, во најнапредните клиники во светот, во вложувања во превентивата во здравство и во реформски системски проекти во здравството од типот на “Мој термин”, “Плаќање по учинок” во преку десет наврати намалување на цените на лековите во аптеките, реорганизација и правење разни видови снимања и многу други здравствени услуги и во втора и трета смена, а не само се во прва смена, со следење и контрола за исполнување дневни норми, со што листите на чекање паднаа од неколку месеци на неколку дена, што всушност значеше дека исќезнаа листите на чекање, и други слични системски мерки.
Секако на тие заштедени пари од набавка на лекови придодадовме уште многу повеќе, бидејќи не беа доволно. Сега, по смената на власта не се додава воопшто а инфлацијата овие пари ги има обезвреднето за над 40% – 50% во последната деценија.
Следната планирана фаза ни беше одкако ќе ја пополниме огромната празнина на дезинвестирање во опрема и медицински апарати, како и во градежни активности во здравството, за што ценевме дека ќе ни требаат уште 2-3 години, тие заштеди, таа разлика во заштедите од паралелниот увоз да ја насочиме во проширување на позитивната листа на лекови, што значи одобрување на покривање од буџетот на нова генерација долга листа на најсовремени лекови, за кој тогаш опозицијата критикуваше и ветуваше, а еве веќе седма година не сме чуле дека го исполнила ветувањето.
Денес сите тие пари, и оние што се заштедуваа со проектот “Паралелен увоз” и оние кои ги додадовме при создавањето на буџетот, се вложуваат во набавка на повеќекратно поскапи лекови од тогаш, бидејќи се врати монополот на мал број локални трговци – дистрибутери на скапи лекови кои добиле договор да преставуваат некои фабрики за скапи лекови од странство. И од никаде од друго место не смее да купи државата освен од нив. И интерсно, но тоа веќе не е тема во медиумскиот простор. Никој не прашува зошто за некој од скапите лекови против канцер или некоја друга тешка болест сега се продаваат повеќекратно поскапо. А видовме дека може и поинаку. И нормално, сега нема пари во здравството. Епа, нема.
И додека овој бизнис-политички озаконет криминал во трговијата до лекови непречено од никого тече, народот или нека се снаоѓа по приватните болници кога нема соодветен апарат, и каде ќе плати приватно од своите заштеди или ако нема заштеди нека си трпи и умира порано од она кога е неизбежно.